Колку пати во денот ви се случува да направите мала прошетка до кујната со цел да пронајдете нешто за грицкање? Ако често го правите тоа, значи и вие спаѓате во милионите луѓе низ светот кои уживаат да грицкаат.
И сепак, ако ги запрашате, повеќето од нив ќе го оценат грицкањето како лоша навика. Но, вистината е дека самата навика за грицкање не е штетна ниту за здравјето, ниту за витката линија. За покачувањето на тежината и холестеролот виновна е желбата на луѓето да грицкаат храна која изобилува со масти и калории.
Всушност, повременото грицкање е здраво и полезно за секоја диета. Малата ужина ќе ви помогне да го одржите нивото на енергија, да го намалите чувството на глад и со тоа да го избегнете прејадувањето за време на оброците. Многу подобро е да грицнете нешто пред ручекот, отколку прегладнети да седнете на маса.
Ова се нашите предлози за совладување на гладот и желбата за мезење без тоа да се одрази на вашата линија и вашето здравје.
Јаболко со мед и путер од кикирики. Измешајте еднакво количество мед и путер од кикирики. Исечете едно јаболко на полумесечинки и премачкајте ги со тенок слој од приготвената смеса. Наместо јаболко, можете да употребите оризови колачиња.
Микс од сушено овошје и јаткасти плодови. Измешајте половина чаша сушени кајсии, половина чаша сушени боровинки, половина чаша печени бадеми, половина чаша семки од сончоглед, 1 чаша кикирики или ореви. Ставете ги сите во кеса и протресете ја за да се измешаат. Поделете ги во 10 мали кесички и ќе имате здрава ужина кога и да посакате.
Овошен јогурт. Во чаша јогурт кој содржи мал процент на масти ставете замрзнати или свежи јагоди, боровинки или капинки и малку исечкани бадеми и ореви.
Портокал со шеќер и цимет. Земете еден портокал и исечете го на 4 тенки кругови. Наросете малку цимет или малку шекер и уживајте во засладувањето.
Бејби морковчиња. Изедете 10 бејби моркови и нема да внесете повеќе од 60-70 калории, а додека да ги изгрицкате ќе ви одмине желбата за чипс.
Пуканки. Консумирајте 3 чаши со пуканки кои се правени без масло или една и пол чаша пуканки со масло.
Кикирики. Наполнете две супени лажици со кикирики. Така ќе си определите доза којашто нема да ви донесе повеќе од 100 калории, а ќе биде одлична замена кога ќе сакате да јадете смоки.