Милениците, според научната јавност имаат непроценлива важност за менталното здравје на човек кој има проблеми со анкциозност, депресија и стрес. Клучот за позитивните терапевтски ефекти за менталното здравје на луѓето е токму во меѓусебниот однос со животните. Тие се лек за нашата душа.
Терапија со помош на животни дава одлични резултати во третманот на депресија, стрес и анксиозност. Контактот со крзнените пријателчиња ја враќа самодовербата, чувството на сигурност, мотивира и потсетува на важноста да се грижите за другите но и за себе, како и за целокупниот баланс на нашето психо-физичко здравје.
Миленичињата кај нас будат нежни чувства и мисли дека сме навистина важни за некој. Маската што ја имаме пред другите луѓе исчезнува пред животните, бидејќи ние не треба нив да ги фасцинираме. Доволно е да им обрнеме внимание, да им покажеме нежност, а тие инстинктивно ни враќаат со многу љубов.
Ова е особено важно за луѓето кои го поминуваат поголемиот дел од своето време во четири ѕида, изолирани од општествениот живот, и кои се многу ограничени во контакт со луѓе. Милениците се постојано физички присутни и често ги одвраќаат сопстнениците од лоши мисли, вознемирувачки искуства, дури и самоубиствени нагони.
Физичкото присуство и близината на домашните миленици позитивно влијаат на нивните сопственици. Експертите укажуваат на терапевтскиот ефект на домашните миленици врз луѓето кои се наоѓаат во анксиозна состојба, депресија и со некакво оштетување на психата.
Во друштво на куче сопственикот или членови на семејство се чувствуваат смирено и спокојно, особено во услови на зголемена емотивна реакција. Според некои студии, кучињата може да ги намалат симптомите и до 80% кај луѓе со трауматски искуства, вклучувајќи ги и пострауматските тешкоти и синдроми.
Ако не сакате да бидете сами, миленичињата се одлично друштво. Животните честопати се и многу интуитивни, па кога ќе почувствуваат дека сте осамени и депресивни нема да ве остават да се изолирате. Тие се добри слушатели, па пред нив можете да си ја олесните душата и да си кажете се што ве мачи, без страв од осуда. Освен ова парковите за кучиња се места каде што имате можност за дружење со други луѓе а и вашиот миленик ќе биде задоволен од дружба со други кучиња.
Да се има домашен миленик значи посветеност, грижа и обврска на долг рок. Кучињата бараат да воспоставите структура и рутина која ќе ве поттикне на акција и кога ќе бидете нерасположени, повлечени во себе и пасивни.
Кога едно лице е депресирано, дури и станувањето од кревет може да му претставува голем напор. Но одговорноста и грижата за домашно милениче може да биде доволно моќен мотив за една личност да се придвижи и да се активира.