Меѓународните државници бегаа од Груевски и Иванов како да се преносители на херпес или ебола

Го растурија Заев – со право – од завитлавање за неговата „историска“ средба со Трамп. Добро, објективно, во однос на последните американски претседатели, одиме напред, бидејќи по намигнувањето на Иванов кон Обама, сега ракувањето на Заев со Трамп е еден реален надворешно-политички исчекор, по што би требало да се очекува гушкање, а можеби, некогаш, и кус државнички разговор. Но, и двете страни во „спорот“ – службата за односи со јавност на нашиот премиер, од една страна, и заедницата на политички заебанти и сеирџии во македонската јавност, од друга – имаат проблем во позиционирањето.

Имено, владиниве пи-аровци се обидуваат секој сегашен чекор на Заев да се прикаже како „историски“ и како „голем успех“ на промоторот на „животот во Македонија“, после надворешно-политичката „диета“ на која бевме подложени во последните пет-шест години од владеењето на Груевски и Иванов од кои меѓународните (важни) државници бегаа како да се преносители на херпес или на вирусот на ебола. На меѓународните пријатели на Македонија им беше тотално смачено да ги слушаат нашите патетични наративи за потеклото на Александар Македонски и за грандиозните успеси на малиот македонски популистички модел, па гледаа, ако не мораат, во големи кругови да го заобиколат Скопје при посетите на регионот или во ходниците на меѓународните организации. Па, сега, овие задолжени за ЕПП од кабинетот на Заев, откако е јасно дека меѓународната заедница навистина со полн ветер во едрата нему му посакува добредојде и успех во долго очекуваните реформи – чии резултати допрва треба да се видат – ја користат секоја прилика, макар и на комичен начин како петте секунди од ракувањето со Трамп, за да ја рекламираат поддршката за новата македонска демократска реалност.

Од друга страна, не верувам дека многу од локалниве мајтапчии разбираат дека прашањето со кого и само ќе се ракува еден американски претседател е работа на случајност или на вешта дипломатска „заседа“ – речиси сум сигурен дека, за разлика од намигнувањето, тоа ракување било предмет на напнати протоколарни координации и договарања меѓу македонската и американската страна, токму затоа што раката на американскиот претседател е далеку подолга од раката на ВМРО, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Според тоа, убаво е што Заев му стегна рака на Трампа, ама ве молиме од тоа да не се прават големи легенди, оти ние сме еден прилично отруен и бајаги уморен народ од „големите меѓународни успеси“ на претходната власт, кои нè чинат стотици милиони евра и десетина изгубени години живот, само за Груевски да можеше да се чувствува пет сантиметри повисок, а Иванов пет грама попаметен.

Туку, да прашам, до кај сме со апсењава? И не е ова прашање толку без врска со раката на Трамп…

Сашо Ордановски
извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e