Пишува: Бранко Тричковски
Заедничките седници на владите на две соседни држави се манифестации на политичките проливи на безидејните лидерства. Примитивни итроштини за фасцинација на домашната и меѓународната јавност. Министри и секретари кои во некоја барокна сала вршат колективна дефекација седејки врз веце школки маскирани во фотељи. Лигаво замачкување на сериозните проблеми. Пресно произведени бесмислености со кои се убива телевизиското време во прајм тајмот и се полнат со идеи глупавите дебатни емисии по локалните телевизии. Тралалајки за брзо заборавање.
Владата на мала земја, окружена со повеќе соседи, каква што е Македонија, не би имала слободни термини за себе поради исцрпувачкиот ритам на заеднички седници со владите на соседите. А на големата Русија, да речеме, би морала да ја развлече годината на сто илјади денови за да може да стигне да одржи заеднички седници макар со една третина од соседите
Идејата на Александар Вучиќ за заедничка седница на владите на Република Македонија и Република Србија е проблематична поради општите принципи што ги споменавме на почетокот на овој текст. Но и поради низа специфичнисти во Македонија и во Србија како и во односите меѓу двете држави. Тие специфики ја обликуваат самата суштина на проблемите меѓу двете држави, вклучувајки ја и спектакуларната криза што ја предизвика Белград со повлекувањето на комплетниот состав на амбасадата во Скопје.
Прв проблем се нивоата.
Заедничка седница би можело да има само ако српската влада ја предводи Александар Вучиќ, односно ако Србија има влада во својот полн капацитет, а не е извршен сервис на претседателот. Без тоа самата разлика во политичките капацитети ќе ја уништи идејата, дури и ако претпоставиме дека е добронамерна. Бидејки тоа не е можно, најдобро е од идејата да се направат хартиени бродчиња и да се пуштат Вардар и Морава да ги однесат на различни страни од светот!
Тој проблем не е само протоколарен односно воопшто не е протоколарен. На формално ниво Вучиќ би требало да се состанува со Иванов, но како што е познато тој господин е уште подекапацитиран во политичка смисла од госпоѓата Брнабиќ.
Тие работи ја покажуваа другата, можеби, уште побитна разлика меѓу Македонија и Србија.
По неодамнешните избори, Србија реши да ја заокружи реализацијата на себе како еднолична диктатура, без остаток, во сличен формат во кој Македонија беше до декемвриските избори под лидерството на Груевски и со Иванов како сервисна инсталација на позицијата претседател, улога што во Србија денеска и е наменета на Брнабиќ. Таму е во највисока фаза разградувањето на институциите и нивното претворање во лични макети на претседателот, а кај нас е во почетна фаза дистанцирањето од тој модел што така успешно го операционализираше Груевски. Таму е во висока фаза разорувањето на културните, социјани и демократски кодови на општеството и неговото претворање во единствена маса на десубјективизирани поединци групи и структури, бездна до која Македонија ја беше довел режимот на Груевски и од која сега со не мали напори се обидува да се оддалечи низ политиките на новата власт. Србија е категорично против членството во НАТО, исто како што во практика беше и Груевски во однос на Македонија, Белград е на некаква клацкалка меѓу Русија и Европската унија, односно има практично неодржлива позиција иста каква што беше позицијата на Македонија под ВМРО-ДПМНЕ, Србија го има проблемот со Косово и со Албанците во поширока смисла и тој проблем формулира политички и културни модели кои се дијаметрално спротивни од инклузивните системи на Македонија, работа што по повод неодамнешните случувања многу убаво ја објасни професорот Малевски. Врз таа основа тие формулираат и одредени очекувања од Македонија и во Македонија и ги дефинираат своите ангажмани во таа насока кои како што можевме да видиме, во некои ситуации ги надминуваат добрите дипломатски и добрососедски манири. На тоа се надоврзуваат интереси на Русија за прекин на ширењето на НАТО, при што Србија, со доста основи, се детектира како московски вршител на работите по прашањата на балканската дестабилизација во таа смисла.
Целата колумна во печатеното издание на “Слободен печат”