Колумна на Иво Вајгл – За македонската надворешна политика и состојбата на светската дипломатија

Овие редови за списанието Меф, полн со блескави домашни вести и размислувања за светот, списание кое ми е многу драго, ги инспирираше македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој со енергија и интелектуална длабочина, недостижна за многумина актуелни министри за надворешни работи на европските земји, ми ја објасни необјаснивата состојба во која се наоѓа неговата земја, пред референдумот, кој ќе се оддржа  на 30 септември. Македонците ќе одговорат на прашањето дали го поддржуваат влезот на државата во ЕУ и НАТО, и во тој контекст, дали го поддржуваат Договорот со Грција, договор кој го постигнаа надворешните министри на Грција и Македонија, а се однесува на новото име на државата долж Вардар, која ќе се именува Северна Македонија.

И во времето на Југославија, Македонија беше дел од политичкиот врв, преку поединци кои работејќи во дипломатско подрачје одлично се позиционираa и дома и во странство. Еден од нив е Лазар Мојсов, поранешен министер за надворешни работи на поранешната СФРЈ, кој беше изгласан за претседател на Генералното собрание на ООН и Александар Грличков, луциден партиски реформист кој ги застапувал трендовите на европската левица.

Начинот на кој 46 годишниот меѓународен правник Никола Димитров се обрати во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, кој вчера за прв пат го разгледа мојот извештај за напредокот на Македонија на својот пат кон ЕУ, во очите на сите кои учествуваа во дебатата, изобилуваше со дипломатска вештина и способност за прифаќање и решавање спорови. Тој и премиерот Заев успеаја во односите со грчките соговорници да створат емпатија и доверба преку конечниот позитивен резултат.

Веднаш кога како известувач топло му честитав, се запрашав зошто министрите за надворешни работи на повеќето држави кои ги знам, се толку неефикасни, тромави и посветени на догматски предрасуди кога се работи за превенција на конфликти, спорови и војни.

Доволно долго живеам за да се присетам дека, на пример, пред 30 години кадровската поткованост на европските и не-европските министри за надворешни работи не беше толку слаба. Наместо незамисливо лесниот пристап до сите стратешки битни информации да поттикне нова динамика на меѓународните односи и навремено разрешување на замрзнатите конфликти, завладеа затишје и пасивност, распламтија нови војни и се отворија нови меѓудржавни и меѓуетнички несогласувања. Сивилото на Берлинскиот ѕид и оградите од бодликава жица ги заменија мрзеливоста и удобноста на времето кое следеше.

Признавам дека не знам кој ги води дипломатиите на повеќето ЕУ држави, уште помалку како дошле до таа одговорна функција. Тоа важи еднакво како за големите држави, членки на Советот за безбедност на ОН (Франција, Обединетото Кралство, САД…), така и за помалите држави како Шпанија, Италија, Данска, Полска, Чешка, Романија… Министрите на сите именувани земји, кои ги знаевме, пред во нивните канцеларии да се вселат анонимуси, послушни партиски кадри, неискусни професори и кариеристи, играле некаква улога во оркестарот на светската политика.

Меѓународните односи на Земјата се во криза. Тоа веројатно се гледа и од некоја друга планета или галаксија. Недостигот на луѓе со оригинални идеи и лична храброст, кои македонскиот и грчкиот министер ги докажаа, го остава светот да потоне уште подлабоко во летаргијата на нерешливите проблеми. Светот треба да се разбере. Од него да се црпи, да се учи. Да се сака. Само така е можно да го промениш на подобро, а тоа е работа за добри министри и дипломати.

Иво Вајгл

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e