Веселин Вујовиќ денеска ги заврши и последните формалности во својот досегашен клуб ППД Загреб, а во одлично расположение го одработи и засега последното интервју со хрватските медиуми.
За „Спортске новости“, црногорскиот стручњак уште еднаш проговори за причините за драстичниот пад во формата на хрватскиот првак, што пак доведе до негово заминување.
– Лоши резултати, актуелниот состав, мојот замор, голем број повреди, тоа не доведе до ваква одлука. Имав луда година, најлуда во кариерата, бев со Словенија на ЕП, игравме квалификации за ОИ, па Рио, па со клубот фајнл-фор на СЕХА, Лига на шампиони, вистински ужас. Ова е најдобра одлука за мене, иако сум малку тажен бидејќи го засакав клубот и целосното опкружување. Истовремено, малку и ми олесна бидејќи сега ќе можам да се концентрирам на селекторската функција во Словенија, – истакнал поранешниот тренер на Вардар и поранешен македонски селектор.
Вујовиќ не крие дека бил одлично пречекуван и од хрватските фанови, исто како што тоа му се случуваше и во Вардар…
– Не знам зошто е тоа така, веројатно луѓето чувствуваат дека се вложувам целосно, отворен сум, не калкулирам, ист сум кога е добро и кога е лошо. По Олимписките игри бев исцрпен и мене ми требаше енергијата која инаку јас им ја давам на ракометарите. Не ја добив, па дојдовме до мртва точка, но двостраната љубов останува. Ќе се вратам некогаш, а сега ќе бидам посвеж, нема да се трошам на два фронта. Кога човек има две жени, некаде може да киксне. Во спортот е како во сексот, секој следен пат мора да биде ист или подобар, инаку нема да ти биде простено, – во свој стил потенцира Вујовиќ.