Веселин Вујовиќ се наоѓа пред заминување од клупата на Загреб откако хрватскиот првак го загуби и четвртиот натпревар во низа од стартот на Лигата на шампионите, овојпат на домашен терен од Брест Мешков со резултат 22-27.
Откако за негова оставка се дискутираше и претходниот викенд, по поразот од Кристијанштад, Вујовиќ не успеа да обезбеди напредок кај своите избраници ниту на вечерашниот дуел на кој Загреб повторно делуваше потпросечно, па на крајот заслужено капитулираше пред расположениот белоруски шампион. Хорват беше единствениот расположен за игра кај Загреб со шест погодоци, додека најзаслужни за победата на Мешков беа Кристопанс со седум и Никуленкау со пет погодоци.
Дербито на колото се одигра во Унгарија, каде Веспрем славеше над Кил со 21-19. Дуелот го одбележаа одлични изданија на двајцата голмани, за на крајот поумешни да бидат домашните ракометари, кои со голот на Момир Илиќ на една минута до крајот си ја осигураа победата. Анцин и Маргуч со по пет гола беа најефикасни кај Веспрем, додека најдобар стрелец на Кил беше Вујин со седум погодоци.
Серијата победи ја продолжи и шампионот Кјелце, кој има максимален ефект во групата Б. Полскиот гигант славеше со 31-23 на натпреварот со Целје, пресметка на која словенечкиот состав добро се држеше во првиот дел (16-15), за потоа во вториот дел да може да се проследи целосна доминација на екипата на Талант Душебајев. Бјелецки и Ѓукиќ постигнаа по пет гола за Кјелце, додека Штрлек беше стрелец на четири погодоци на оваа средба.
Резултати:
ГРУПА А: Веспрем – Кил 21-19,
ГРУПА Б: Кјелце – Целје 31-23, Загреб – Мешков Брест 22-27.
ГРУПА Ц: Татран Прешов – Елверум 25-27, Металург – Ла Риоха 24-23, Монпелје – Чех. медведи .
ГРУПА Д: Брага – Динамо Б. 34-32, Бешикташ – Мотор 23-22.
За поврзани вести продолжете надолу