Југославија беше фудбалска велесила од која се плашеа и најголемите фудбалски репрезентации во тоа време, а големите успеси на фудбалските репрезентации од овие простори беа закитени со титула на Светското фудбалско првенство во Чиле во 1987 година.
Поранешната СФРЈ стана светски фудбалски шампион до 20 години на денешен ден пред точно 29 години, а на денот на одбележување на овој убав јубилеј вреди да се спомене дека само немилата увертира пред големото случување во Чиле го спречи Бобан Бабунски да стане првиот Македонец со светска титула.
Пензионираниот македонски фудбалер беше постојан член од суперталентираната репрезентација која го покори светот, а единствена причина што не замина на мундијалот беше суспензијата која ја заработи од тогашниот тренер на Вардар, Андон Дончевски.
– Југословенската федерација веќе имаше извадено виза за мене, ја добив и опремата, но на два дена пред тргнувањето за Чиле јас бев суспендиран од тренерот Дончевски и ми беше забрането да и се приклучам на репрезентацијата. Тренерот беше лут поради неуспехот против Порто (порази со по 0-3 во КЕШ со Вардар). Казни неколку фудбалери, меѓу кои бев и јас. Ми беше многу тешко, не играв 2-3 месеци и дури размислував и да ја прекинам фудбалската кариера, – изјави Бабуски за големата фудбалски неправда пред четири години, или поточно при одбележувањето на 25-годишниот јубилеј од незаборавното финале во Чиле.
На 25. октоврми 1987 година, суперталентираната селекција предводена од Мирко Јозиќ ја победи Западна Германија во големото финале во пенал рулетот 5:4 (1:1 регуларно), а мора да се потенцира дека на патот до историскиот успех и светската титула беа совладани и Источна Германија, но и големиот Бразил.