Легија го направи изненадувањето на вечерта откако одигра 3-3 против Реал Мадрид, полскиот тим можеше и да победи, но фаворитот спречи вистинска сензација во финишот.
На Легија подобро и оди без навивачи, поради казна пред празни трибини го играше дуелот со Реал Мадрид и дојде до голем резултат.
Мечот почна одлично за фаворитот, уште во првата минута Герет Бејл постигна фантастичен погодок за водство на Реал Мадрид од 1-0. Во 35. минута реализираше и Бензема и се чинеше дека само прашање е со колку гола во мрежата на Легија ќе заврши овој дуел.
Но, домаќините не се предаваа, Офое на пет минути пред крајот постигна убав гол за 2-1, а по 15 минути игра во второто полувреме Радовиќ го изедначи резултатот на 2-2.
Во 83. минута Мулин погоди за пресврт и водство на Легија од 3-2, а брзо потоа Ковачиќ го спаси Реал Мадрид од срамен пораз.
Јувентус одигра само 1-1 против Лион. Италијанскиот шампион поведе со гол на Игуаин од пенал, но Толисо пред крајот донесе бод за Французите.
Баер Леверкузен со гол на Кмпл во 65. минута победи на тешкото гостување кај Тотнем со 1-0. Монако со убедливи 3-0 ја победи ЦСКА Москва, два погодоци беа дело на Фалкао.
Лестер по трите победи одигра без голови на гостувањето кај Копенхаген, Дортмунд со 1-0 го победи Спортинг, а Севиља немаше милост кон Динамо Загреб победувајќи го со 4-0.