Ниту еден од ракометарите на Вардар и Металург не се најде во идеалниот тим на колото во Лигата на шампионите со оглед на тоа што и двата наши претставници претрпеа порази (Загреб, Монпелје), но затоа официјалната телевизија на ЕХФ денеска објави специјално видео преку кое го потенцира огромниот потенцијал на Филип Талески.
Младиот ракометар на Металург почна да го привлекува вниманието на европскиот ракометен крем со настапите кои ги има за тимот од Автокоманда, а ова ги натера луѓето од ЕХФ да го издвојат талентот на најперспективниот играч со кој располага Лино Червар.
Во интервјуто, Талески говори за своите ракометни почетоци, а официјалната телевизија на ЕХФ појаснува дека негова цел е да стане најдобар ракометар.
– Филип Талески е талентиран млад ракометар, со една единствена цел, да стане најдобриот. Дебитираше во Лигата на шампионите против екипата на Кил и постигна три гола. Во новата сезона на ЛШ, постигна 13 голови на првиот натпревар и не мисли да застане… Дваесетгодишниот Филип е еден од најголемите таленти во Европа и речиси нема никакви слабости. Младото оружје на Металург за десет години се гледа во најдобриот клуб во Европа, – се вели во материјалот кој го објави ЕХФ.
Видеото можете да го проследите на следниот линк.
