Мечот со Манчестер јунајтед е поважен за навивачите одошто за нас играчите на Ливерпул, вели дефанзивецот на „црвените“, Вирџил ван Дајк. Дербито на деветтото коло во Премиерлигата е во недела од 17.30 часот, европскиот шампион ќе патува на „Олд Трафорд“ како лидер на табелата со максимален ефект по осумте меча во сезоната.
„Мечот, секако, дека е важен, но не толку за нас колку за навивачите. Мислам дека сите мечеви во Лигата на шампиони се поважни од овој. Целокупната атмосфера што се прави пред ваквите средби е подобра во споредба со други, меѓутоа не мислам дека мечот со Јунајтед е најважен во сезоната“, коментира Ван Дајк.
Манчестер Ј. го бележи еден од најслабите стартови во сезона во Премиерлигата во последните неколку децении и нормално е да бара рехабилитација, а дерби мечевите се одлична прилика за пресвртница.
„Не почнаа на најдобар начин во првенството, немаат самодоверба, но фудбалот е непредвидлива игра. Ќе се обидат да одиграат подобро од досега, ние ќе се бориме за секоја педа на теренот и се надевам дека со три бода ќе се вратиме во Ливерпул“, додаде дефанзивецот на Ливерпул.