Тренерот на Јувентус, Маурисио Сари, не го криеше восхитот за одличната форма на Лацио во последно време. По втор пат од почетокот на сезоната, „орлите“ го совладаа тимот од Торино со 3-1, овој пат во битката за италијанскиот Суперкуп. Стратегот смета дека ако Римјаните ја задржат оваа форма, тешко е некој да ги запре. Инаку, Сари го оправда поразот на својот тим со насобраниот замор.
„Се боревме до последно, но чувството ми беше дека на крајот од мечот заостануваме во однос на физичката и психолошката енергија. Нормално е да се случи кога сте во серија од осум натпревари во текот на три дена. Бевме близу до изедначување, но потоа дозволивме и трет гол со последниот удар на натпреварот. Но, до последно, имавме шанса. Саботниот тренинг беше еден од најдобрите од почетокот на сезоната и ме натера да мислам дека играчите се во подобра форма отколку што беа навистина. Да знаев дека работите се такви, ќе направев повеќе промени, но неодамнешните тестови покажаа дека тоа не е потребно“, рече Сари.
Досега Сари има само еден трофеј во својата тренерска кариера. Тој ја освои Лигата на Европа на чело на Челзи, но сè уште нема успех во Италија.
„Разочарувачки е, но не очекувајте сега да седнам и да плачам. Тоа нема да помогне со ништо. Не верувам дека моите играчи ќе бидат погодени од овие два порази. Лацио е во неверојатна форма во моментов и сè им оди, но тоа може да се промени во наредните два до три месеци. Ако успеат да ја задржат оваа форма, тешко е некој да ги запре. Но, да не заборавиме дека сезоната е уште пет месеци и има уште многу натпревари“, додаде менторот.