Според многумина, претстојниот турнир во Русија ќе биде последна шанса за Лионел Меси да стигне до толку посакуваната титула на Светското првенство, а иако самиот тој вели дека не се оптеретува и не си прави опсесија со освојувањето на најпосакуваниот трофеј во фудбалот, сепак јавноста постојано е тука да го потсети дека мундијалот го дели од највисокото скалило на фудбалскиот врв.
Поранешната бразилска легенда на Барселона, големиот Ривалдо сега направи една своја анализа на кариерата на Меси, па и тој се надоврза на оној дел од експертите кои сметаат дека на Меси му недостасува титулата на Светското првенство за да може да биде наречен како најдобар играч во историјата.
– Мислам дека ова ќе биде последно Светско првенство за Меси и ќе го даде својот максимум за да ја донесе титулата во Аргентина. Тој е голем играч, но многу луѓе во Аргентина се сомневаат во него поради тоа што нема ниту еден голем успех со репрезентацијата. Поради тоа, Марадона и ден денеска важи за најдобар аргентински играч во историјата, тој им ја донесе светската титула. Меси се соочува со тој притисок, па иако освои толку многу важни нешта со Барселона, не успеа да го пронајде рецептот за да го направи тоа и со својата земја, – вели Ривалдо кој со својата изјава само дополнително го зголеми притисокот врз Меси.