Францускиот фудбалер, Франк Рибери најверојатно ќе биде суспендиран на неколку натпревари за оттурнување на еден од асистентите на главниот судија Марко Гвида по мечот на Фиорентина против Лацио (1:2) на затворање на деветтата рунда во Серија А. На пат кон соблекувалните доби и црвен картон и сигурно влезе во бележникот и на делегатот на натпреварот.
Рибери беше нервозен од замената во 75. минута, но имаше забелешки и на арбитражата на Гвида со кого се обиде да тера своја правда, па дури денеска сфати каква санкција го чека. Јавно се извини со надеж дека казната ќе биде малку поблага од најмалку четири меча неиграње како што се шпекулира.
„Сакам да се извинам за тоа што се случи. Им се извинувам на навивачите, соиграчите и тренерите. Му се извинувам и на судијата Пасери. По завршувањето на натпреварот, потегот го направив во афект. Бев многу нервозен. Жалам. Однесувањето ми беше неприфатливо“, напиша Рибери на Твитер.