УЕФА вчера објави дека 2,04 милијарди евра ќе бидат распределени помеѓу тимовите кои ќе се натпреваруваат во елитата следната сезона 2018/2019. Според новиот систем на распределба на парите, некои тимови ќе добијат многу повеќе, некои многу помалку и тоа најмногу поради коефициентот на успешност на клубовите во изминатите десет сезони.
За оваа категорија, УЕФА одвои буџет од 585 милиони евра. Јасно е дека најголем коефициент во Европа моментално има Реал Мадрид, кој ја освои Лигата на шампионите четири пати во последните пет сезони, а три пати по ред. Според коефициентот, на „кралевите“ им следуваат 35,46 милиони евра бонус од УЕФА. Ако тука го додадеме и бонусот од 15,65 милиони евра, кој им следува на сите учесници во групната фаза од Лигата на шампиони, добиваме бројка од 51,11 милиони евра кои Реал Мадрид ќе ги добие уште пред да го одигра првиот натпревар.
Тимовите следната сезона ќе добиваат пари и од маркетинг буџетот на УЕФА, кој е во висина од 292 милиони евра, кој се распределува во сооднос на националниот телевизиски пазар, што значи дека и од тука Реал Мадрид ќе биде помеѓу најголемите добитници.
Според новиот правилник на наградување, победа во групната фаза од Лигата на шампиони носи бонус од 2,7 милиони евра, а 900.000 евра за реми. Прогрес во осминафиналето ви носи бонус од 9,5 милиони евра, што е зголемување од 3,5 милиони евра во споредба со изминатата сезона. За квалификација во четвртфиналето клубот добива 10,5 милиони евра, полуфиналето носи 12 милиони евра, а триумф во финалето 15 милиони евра.