Пик Сегед покажа навистина добра игра и се покажа како „цврст орев“ на денешното гостување во „Јане Сандански“, но сепак Вардар пронајде сили и знаење да ги надигра Унгарците и да остане една од трите екипи кои имаат перфектен учинок и по четири одиграни кола во Лигата на шампионите (заедно со Кјелце и Барселона).
За разлика од претходните натпревари, Вардар вечерва мораше да го решава победникот во последните минути од мечот, а како клучни се покажаа двата последователни гола и промашувањето на Габер со што беа постваени конечните 30:27 за македонскиот првак.
За тоа колку беше израмнет овој натпревар најдобро говори тоа што Пик Сегед имаше заостанување од само еден гол на полувремето (16:15), а и на три минути пред крајот (28:27), но сепак како пресуден се покажа квалитетот и смиреноста на вардаровите ракометари кои со новиот триум се израмнија со Кјелце на врвот на табелата во групата Б.
Тимур Дибиров со осум погодоци беше најрасположен меѓу реализаторите, а уште се истакнаа Циндриќ со пет и Карачиќ со четири постигнати гола. Многу важна улога во денешната победа имаше и популарниот „Џамбо“ Милиќ, кој запиша 10 интервенции за 30 минути минати на теренот.
Следен противник на Вардар во Лигата на шампионите ќе биде тимот на ППД Загреб, кој наредната сабота ќе го пречека македонскиот првак во Хрватска во натпреварот кој е закажан во 20:00 часот.
За поврзани вести продолжете надолу