Перфектниот Вардар стигна до „три од три“, падна и Целје

Вардар бележи навистина феноменален старт на новата натпреварувачка сезона, па серијата без пораз сега ја продолжи и на гостувањето во Словенија каде оваа вечер оствари победа против екипата на Целје Пивоварна Лашко.

Избраниците на Раул Гонзалес имаа потешкотии да дојдат до посакуваниот ритам и до доминација во првиот дел кој беше израмнет и кој заврши со резултат 15:15, но затоа во второто полувреме го скршија отпорот на домаќинот и на крајот сосема заслужено стигнаа до победа од 26:32.

Македонскиот првак клучната разлика ја направи во првата половина од вториот дел кога стигна до максимални плус шест во 45-та минута, па иако домаќините во меѓувреме се вратија во мечот со серија од 5:1, сепак вардарци останаа со ладни глави и без проблеми ја повратија сигурната позитива која на крајот ги однесе до втора гостинска победа во Лигата на шампионите, трета на третиот одигран натпревар во елитното натпреварување.

Мијајло Марсениќ беше перфектен на овој меч и погоди во сите свои шест обиди кои ги имаше на натпреварот, а втор на листата во стрелците беше Тимур Дибиров кој зад своето име придодаде пет погодоци. Стопроцентен беше и Шишкарев кој постигна четири погодоци, додека на спротивната страна најефикасни беа Потеко и Млакар со пет гола.

Четврти предизвик за Вардар во тековната сезона на Лигата на шампионите ќе биде ПИК Сегед, екипа која ќе гостува во „Јане Сандански“ наредниот викенд.

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e