Дани Педроса не беше вбројан ни меѓу петте фаворити за да оствари можна победа на денешната трка за Големата награда на Сан Марино, но сепак шпанскиот мотоциклист со спектакуларно возење и неверојатен ритам стигна од осмото до првото место и ги разочара фановите кои очекуваа победа на Валентино Роси.
„Докторот“ тргна навистина добро, успеа да го мине Лоренцо уште во првите кругови, па иако се одлепи на повеќе од секунда во однос на својот тимски колега и Марк Маркез, сепак не можеше да се одбрани од неочекуваната закана која мина како „шило“ преку седум возачи.
Педроса дојде до шестото место уште на стартот, во наредните неколку круга не даваше знаци дека ќе може да направи чудо, меѓутоа откако го пронајде вистинскиот ритам возејќи константно под 1:31 следуваше неизбежното за останатите ривали. Најпрво ги среди Вињалес и Довициозо, потоа на патот му се најде неговиот тимски колега Маркез, а до крајот успеа да го остави зад себе и двоецот на Јамаха.
Педроса без големи потешкотии го мина Лоренцо, а потоа го претекна и Роси кој едноставно немаше сили да го задржи првото место кое секако ќе донесеше огромна радост меѓу верните фанови во Сан Марино.
Како и да е, Роси сигурно ќе најде утеха во второто место поради фактот што Маркез немаше добар ден и заврши само четврти, епилог со кој Валентино повторно успеа да откине од предноста во генералниот пласман која сега изнесува 43 бода во корист на младиот Шпанец.
Извор Дерби
