Во реприза на последното финале на Ф4 турнирот од СЕХА Газпром лигата, Вардар за неполни два часа (20,30 ч) во Скопје го пречекува актуелниот првак, Телеком Веспрем. Македонскиот тим гледаш шанса за реванш за ланскиот пораз во Вараждин, и конечно подобрување на играта.
Дуелот во Скопје ќе биде борба на две екипи кои досега двапати биле победници во СЕХА Газпром лигата. Вардар е единствениот тим што во последниве две сезона откако и Телеком Веспрем е дел од СЕХА лигата, успеа да го победи унгарскиот првак, и уште двапати да освои бод, еднаш дури и во Веспрем.
Лани двете екипи одиграа три меѓусебни натпревари. Во регуларниот дел од сезоната, двапати беше нерешено, 24-24 и 30-30. Во финалето на Ф4 турнирот, Телеком Веспрем победи со 28-26.
Унгарскиот првак летово доведе 10 нови ракометари, меѓу кои и многу врвни имиња како Драган Гајиќ, Габор Анчин, Марко Копљар, правејќи ја конкуренцијата во екипата екстремно силна.
За овој натпревар единствената дилема за тренерот Раул Гонзалез е играњето на Хорхе Македа. Тој поради повреда ги пропушти дуелите со Мешков и Металург. Деновиве тренираше со екипата, и последните два тренинзи ќе покажат дали ќе биде подготвен за дербито со Телеком Веспрем.