Нов расистички скандал го потресе европскиот фудбал

Нов расистички скандал го потресе европскиот фудбал. Само една недела по натпреварот помеѓу Бугарија и Англија (0-6), кој беше прекинат двапати поради расните испади, англиски репрезентативец повторно се пожали на мајмунски звуци.

Инцидентот се случи во неделата за време на ремито меѓу Сампдорија и Рома. Поддржувачите на гостинскиот тим од италијанската престолнина го навредија 21-годишниот играч од средниот ред Роналдо Виеира.

„Слушнав мајмунски звуци, но не сакам да ги коментирам. Ова се случува премногу често во фудбалот, и не треба да биде така“, изјави играчот на Сампдорија за италијанската телевизија.

Судијата Фабио Мареска јасно стави до знаење дека ги слушнал звуците на крајот од првото полувреме. Тој очигледно ја коментираше оваа тема со Виеира бидејќи двајцата се вратија во тунелот на стадионот „Луиџи Ферарис“ во Џенова по завршувањето на првиот дел.

Роден во Гвинеја-Бисао, Роналдо Виера живее во Англија уште од млада возраст и во моментов е дел од младинската екипа на „Трите лава“. Во 2018 година, тој се пресели од Лидс во Сампдорија.

Рома ја искористи својата официјална страница за да му се извини на играчот од средниот ред.

„Фудбалскиот клуб Рома сака да му се извини на Роналдо Виера за расистичките навреди што му се упатени. Рома не толерира расизам во која било форма и нашиот клуб ќе им помогне на властите во идентификување и казнување на сторителите “, се вели во соопштението на волците.

Ова е уште еден инцидент на расизам во италијанскиот фудбал оваа сезона. Натпреварот помеѓу Фиорентина и Аталанта беше прекинат кратко откако бразилскиот дефанзивец на „виолетовите“ Далберт беше навреден од навивачите на противникот. На расна нетрпеливост се пожалија и Френк Кеси (Милан) и Миралем Пјаниќ (Јувентус).

Рома му изрече доживотна забрана на поддржувач на тимот, откако на социјалните мрежи го навреди на расна основа Жуан Жесус.

Каљари, од друга страна, беше обвинет за расистички навреди против напаѓачот на Интер, Ромелу Лукаку. Ова беше трет случај во последните две години во кој тимот од Сардинија е под истрага за расизам.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e