Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ја прифати поканата од 9 до 11 септември да настапи на меѓународниот турнир „Антонио Алексе“ во романскиот град Орадеа. Покрај македонскиот првак и домаќинот Орадеа ќе настапи и унгарскиот Шолнок. Турнирот ќе се игра по принципот секој со секого. МЗТ Скопје на 10 септември ќе ги одмери силите со поранешниот АБА-лигаш Шолнок, а ден потоа и со романскиот првак Орадеа.
Mеморијалниот турнир „Антонио Алексе“ се одржува во чест на кошаркарот кој во 2005 година загина во сообраќајна несреќа. Во 2008 година репрезентацијата на Македонија учествуваше на овој турнир и го освои првото место во конкуренција на репрезентациите на Романија и Австрија како и српскиот клуб Свислајон Вршац.
Тренерот на „металците“ Ѓорѓи Кочов на располагање сега има осум кошаркари: Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Ранко Мамузиќ и интернационалецот од Кенија, Нуни Омот, но на подготовките за новата сезона на сениорскиот тим ќе му се приклучат млади и талентирани играчи од сопствените редови.