Металург загуби на два последователни натпервари во Лигата на шампионите поради падот на концентрацијата во едно од полувремињата, но денеска избраниците на Лино Червар одиграа најдобро кога најмногу требаше, односно во моментите кога се кршеше мечот во драматичната завршница.
Ла Риоха пристигна во Скопје со шест победи во низа во сите натпреварувања, но сепак денеска се соочија со крајно расположен противник кој уште од самиот старт покажа амбиции за освојување на нови бодови по првата победа на отворањето на елитното натпреварување.
Металург за малку не „фрли во вода“ уште еден натпревар на кој имаше убаво водство од 13:9 на стартот на второто полувреме, но овојпат како клучен се покажа карактерот на младите ракометари, кои иако имаа два гола негатива во 53-та минута (20:22) , на крајот успеаја да го надминат лошиот период и да остварат голема победа над шпанскиот ривал во трилерот кои го добија со 24:23.
Немања Обрадовиќ и Милош Драгаш беа фантастични и постигнаа по седум голови, младиот Филип Талески постигна четири, додека круцијална улога во победата имаше и голманот Дарко Арсиќ кој го заврши мечот со 14 успешни одбрани.
Металург на овој начин стигна до биланс од две победи и два порази по првите четири кола во Лигата на шампионите, натпреварување во кое во следното коло за противник ќе го има тимот на Монпелје.
За поврзани вести продолжете надолу