Ракометарите на Барселона освоија уште еден трофеј, овојпат шпанскиот Суперкуп, победувајќи ја вечерва во Памплона екипата на Анаитасуна со резултат 38:30.
Барса на полувреме водеше со 18:15, во вториот дел постојано имаше сигурна предност, а Анаитасуна најблиску дојде во 55. минута кога намали на 32:28. Сепак, тоа не беше проблем за фаворитот кој во своите редови ги имаше и расположените Борко Ристовски и Кире Лазаров.
Македонскиот голман кој дебитираше на голот на Барса, оствари десет одбрани со одличен процент на успешност (35,7%), додека Лазаров беше најдобар стрелец со 6 постигнати погодоци од 7 упатени удари. Најблиску до учинокот на македонскиот капитен беа Сорендо и Раул Ентрериос со по 5 гола.