Кире Лазаров ќе биде предводник на нашата ракометна репрезентација на незгодното гостување во Плзен каде утре избраниците на Лино Червар го продолжуваат настапот во квалификациите за ЕП во Хрватска.
Македонскиот капитен им ја препушта фаворитската улога на домаќините, но смета дека имаме свои адути за позитивен резултат.
Oколу 90 проценти од играта на Чесите е идентична како и претходно, со тоа што со Јиха и со Хорак имаат добиено малку повеќе на искуство. Тоа може да биде добро за нив, но сигурно претставува и меч со две острици, бидејќи се работи за меч од 60 минути во кои ќе треба да се најде место за сите тие играчи, селекторот да им даде адекватна минутажа.
Свесни сме дека пред нас е тежок натпревар, знам дека ќе се обидат да тргнат фуриозно со сите сили од самиот почеток, да слават што поубедливо. Ние ќе треба да го искористиме тоа и со смирена игра да ги користиме грешките во нивните редови. Чесите се фаворити, бидејќи тие на домашен терен победувале и поголеми репрезентации од нашата. Во Исланд одиграа многу квалитетно, но загубија, сега сигурно ќе сакаат да ги прокнижат првите бодови. Ние не треба премногу да се оптоваруваме, треба да веруваме во себе, тоа ќе бидат 60 долги минути на гостински терен пред полна сала,” вели Лазаров во изјава за својата официјална интернет страница.
Натпреварот Чешка-Македонија се игра денеска од 14:25 часот.