Менаџерот на Челзи, Френк Лампард, објави дека очекува правилен одговор од неговите играчи во утрешното финале на Европскиот суперкуп против Ливерпул.
„Сините” веќе пристигнаа во Истанбул за натпреварот, во кој ќе се обидат да го заборават тешкиот пораз од 0-4 од Манчестер Јунајтед на почетокот од сезоната во Премиер лигата.
– Ова е финале и тензиите ќе бидат присутни, особено откако ривал е тим од калибар на Ливерпул. Секој фудбалер треба да биде свесен за важноста на овој натпревар и очекувам целосна самодоверба од сите. Јасно е дека ќе биде тешко. По крајот на натпреварот не можеме да мислиме „пропуштивме некои можности” или „не бевме целосно подготвени”. Едноставно нема простор за изговори, вели Лампард.
Тој додаде дека сака да го освои трофејот, бидејќи не го освои додека беше активен фудбалер.