Кливленд ќе ја брани титулата во НБА-лигата во големото финале, а Леброн Џејмс ќе влезе во него како најдобар стрелец во историјата на плејоф-натпреварите. Во синоќешната победа над Бостон, со која Кливленд ја освои серијата со 4-1, Џејмс го запоседна врвот на вечната листа надминувајќи го Мајкл Џордан.
Се играше третата четвртина кога Леброн постигна тројка и ја надмина бројката од 5887 поени, која долго време стоеше на врвот на листата потпишана со името на вечниот Џордан. „Летечкиот“ таа цифра ја постигна за 179 натпревари, а на „Кралот“ му требаа 212. Сега рекордот ќе расте, иако во моментов стои на 5995 поени, откако Џејмс мечот со Бостон го заврши со 35.
Ги предводеше Кавалирс до убедлив триумф со 135-102, пласирајќи се во реприза од ланското финале со Голден стејт. Ова е трета титула за Кливленд на Истокот и седмо едноподруго финале за Леброн Џејмс. Покрај него синоќа расположен беше и Кајри Ирвинг со 24 коша, а кај Бостон предводеше Ејвори Бредли со 23. Сега следува одмор до 1 јуни, за кога е закажан првиот натпревар од финалето со Голден стејт, на далечниот запад