За македонските навивачи засега нема „зелено светло“ да патуваат во Амстердам и да ги бодрат „црвено-жолтите“ против Холандија во третиот натпревар од групата Ц на Европското фудбалско првенство кој ќе се игра на 21 јуни. Причина е актуелната забрана за патување во оваа земја поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Македонија не се наоѓа на листата безбедни земји која е објавена на сајтот на холандската влада. На таа листа се наоѓаат Австралија, Кина, Израел, Нов Зеланд, Руанда, Сингапур, Јужна Кореја и Тајланд, како и неколку европски земји кои не се членки на ЕУ како Норвешка, Исланд, Швајцарија, Лихтенштајн, Монако, Андора, Сан Марино и Ватикан.
Ако Холандија не ги попушти мерките и не ја ажурира листата на која би се нашла и Македонија, љубителите на фудбалот од земјава нема да можата да патуваат во оваа земја.
-Во врска со претстојниот фудбалски натпревар помеѓу Македонија и Холандија, ве информираме дека забраната за патување во ЕУ за граѓани од трети држави (вклучувајќи ја и Македонија) е сѐ уште во сила. Може да патувате во Холандија само доколку спаѓате во една од категориите кои се изземени од забраната за патување, стои во соопштението на холандската амбасада во Македонија.
Во Букурешт каде Македонија ќе ги одигра првите два натпреаври од групата Ц, со Австрија в недела од 18 часот и на 17 јуни со Украина бројот на посетителите кои можата да се најдат на трибините се зголемува. На стадионот со капацитет од 55.000 навивачи, според протоколите најпрво беше највено дека ќе може да се најдата 12.500 гледачи, потоа бројката се зголеми на 16.000, а најновата информација е дека ќе бидат пуштени околу 18.000.
Билети за првиот натпревар на Македонија со Австрија денови имаше во слободна продажба на сајтот на УЕФА.
