Антоан Гризман мудро молчи во изминатиов период за неговата иднина и со самото тоа го избегнува секој дополнителен притисок пред стартот на Светското првенство во Русија, натпреварување кое започнува на 14-ти јуни.
Самиот Гризман го посочи овој датум како последен за решавање на прашањето за неговата иднина, а сега медиумите од Каталонија пренесуваат дека Французинот ќе мора да се произјасни до 14-ти, бидејќи Барселона испратила ултиматум до агентот на фудбалерот. Шпанскиот шампион не го крие својот интерес за голгетерот на Атлетико Мадрид и од Гризман очекува да си остане на зборот кој го даде во месец јануари, а тоа е дека ќе потпише со Барселона на 1 јули кога неговата клаузула од 200 ќе се намали на 100 милиони евра.
За да се случи тоа, Гризман ќе треба да даде зелено светло неколку недели претходно, а угледниот „Спорт“ сега информира дека раководството на Барса повеќе нема трпение и поставило ултиматум според кој Антоан ќе мора да даде одговор во наредните 10 дена.
Барселона има цел навреме да добие одговор од Гризман за да има време за реализација на својот план Б, а не да остане на цедило како минатата година кога во месец август го загуби Нејмар, а потоа избрзано пронаоѓаше солуции на трансфер пазарот.