Војната меѓу Мауро Икарди и ултрасите на Интер продолжува, па откако денеска членовите на „Курва Норд“ оставија порака преку транспарент на стадионот, во сличен стил го „поздравиле“ напаѓачот на „неразурите“ и пред неговиот дом.
Италијанските медиуми пренесуваат дека четирисеттина навивачи се обиделе да го нападнат Икарди додека се паркирал во својата вила, но морале да се повлечат поради вооруженото обезбедување, а подоцна поставиле и транспарент спроти неговиот дом. Сепак, сопругата на Икарди, Ванда Нара, демантираше дека имало обид за напад на автомобилот, а го потврди делот со транспарентот.
– Тука сме… Кога твоите аргентински пријатели ќе пристигнат ќе добиеме предупредување или повторно ќе постапиш кукавички?
Ситуацијата со Аргентинецот кулминираше по објавената автобиографија на Икарди во која тој се навраќа на недоразбирањата кои ги имаше со навивачите по натпреварот против Сасусоло во февруари 2015 година. Фановите тврдат дека тој употребил многу лаги и се обидел да ја изврти ситуацијата инволвирајќи и дете навивач во приказната, а најмногу се испровоцирани од реченицата во која тој наводно му порачува на пријател дека „ќе ангажира 100 криминалци од Аргентина за да ги уништат ултрасите ако го нападнат“.
За поврзани вести продолжете надолу