Кристијано Роналдо се претвори во топ тема во светската спортска јавност само неколку дена откако беше елиминиран од мундијалот во Русија, а причина за тоа секако се сериозните шпекулации и гласини кои пристигнуваат од Шпанија и Италија за негов трансфер во Јувентус.
Шпанските медиуми уште во вторникот го најавија ваквото сцнарио, а од вчера на ова се надоврзаа и сите влијателни италијански весници, а сето тоа продолжи и со изјава на контроверзниот Моџи кој истакна дека Кристијано веќе ги има поминато медицинските прегледи со Јувентус. Оваа трансфер сага дефинитивно се очекува да ја добие конечнта развршница во наредните неколку дена, но во меѓувреме, медиумот кој е еден од најблиските до Реал Мадрид се обиде да објасни што се крие зад ова инсистирање на Роналдо да го напушти клубот во кој ги доживеа најубавите денови во кариерата.
Португалецот го навести заминувањето од Реал по крајот на финалето во Лигата на шампионите и тоа дојде како голем шок за сите медиуми, но „Марка“ сега излезе со бомбастична насловна страна со која обелодени зошто Роналдо одлучил да си замине од шпанската престолнина. Весникот кој секогаш има добри извори вели дека Роналдо се почувствувал непосакувано во Реал во месец јануари, кога управата на клубот му порача дека неговата цена е 100 милиони евра кога се во прашање клубови од Кина и оние кои не се директни ривали. Кристијано се навредил од ваквиот став на клубот и истовремено почувствувал дека нема потреба да остане во клуб каде што не се цени доволно.
– Ако вредам 100 милиони евра, тоа значи дека не ме сакаат, – изјави тогаш Роналдо, а сега овие зборови „Марка“ ги посочи како круцијални за неговото заминување кое сега е се поочигледно и речиси неизбежно.