Металург, Вардар, Кјелце и во моментот Барселона се попатните станици во ракометната кариера на Лука Циндриќ во последните неколку години. Одлично се вклопил во средината, па искуствата што ги носи со себе од Македонија и од Полска ги искористи за паралела со животот, тренинзите и натпреварите во АСОБАЛ лигата. За неа вели е добра за докажување на млади играчи, но квалитативно е на пониско ниво. Се издвојува Барса која без многу потешкотии излегува на крај со ривалите. Затоа и слабата посета на мечевите во „Блауграна“, но затоа ги полни салите на секое гостување.
„Овде тренинзите се потешки од натпреварите. Лесно излегуваме на крај со противничките екипи, па затоа и немаме голема посета кога сме домаќини. Но, затоа играме пред полни трибини каде и да гостуваме. Шпанската лига, сепак, е добра за докажување на млади играчи“, коментира Циндриќ.
Разлики има и во дружењето со соиграчите, особено по тренинзите.
„Не е како кај нас. Овдсе менталитетот е поразличен. Тренингот се сфаќа како работа или како дел од работа и нема многу дружење. Кога ќе завршиме, сите си одат по дома. Тоа дружење ми недостасува најмногу. Од другите работи не можам да се пожалам, освен дека нема време да го видам градот“, додаде хрватскиот среден бек.