Македонија ќе биде дел од Европското првенство за селекции до 21 година што идната година ќе се одржи во Полска. Колку е тоа голема работа за македонскиот фудбал допрва ќе дознаеме, а едно е јасно, најголемиот дел од сегашните мегаѕвезди на европскиот фудбал во почетоците од својата кариера беа дел од ова натпреварување, кое важи за расадник на мегаталенти за скаутите од големите европски клубови.
Барди, Николов, Велковски, Алексоски, Зајков, Радески, Давид Бабунски…и останатите избраници на селекторот Благоја Милевски идното лето ќе учествуваат на завршниот самит на најдобрите млади селекции во Европа, а на ова натпреварување низ годините наназад биле и Зинедин Зидан, Лорен Блан, Клод Макелеле со Франција, како и Луис Фиго и Руи Коста во 1994 година.
Ако се вратиме четири години претходно, селекцијата на поранешна Југославија настапи со фудбалери како Дејан Савичевиќ, Синиша Михајловиќ, Звонимир Бобан, Давор Шукер, Роберт Просинечки…
Дел од младинското Европско првенство со селекцијата на Англија во 1998 година беа и Стивен Џерард, Франк Лампард, Рио Фердинанд, Јан Рајт, Сол Кемпбел…
Петр Чех, најдобриот голман на Чешка на сите времиња, беше на голот на младата селекција на својата земја во 2002 година, а во нападот играше Милан Барош. Лука Модриќ ја предводеше Хрватска во 2004 година.
Во 2009 година, Германија беше дел од финалето, а во нивната селекција до 21 година настапија Месут Озил, Џером Боатенг, Сами Кедира, Мануел Нојер, Матс Хумелс…
Во 2013 година, Шпанија беше дел од финалето, на голот беше Давид Де Хеа, а во составот на „црвената фурија“ беа и Мората, Иско, Илјараменди, Тијаго, Коке, Телјо…
Европското првенство се селекции до 21 година е самит на дел од најдобрите млади фудбалери, идните мегаѕвезди на европскиот фудбал, а следното лето таму ќе биде и Македонија. Ќе продефилираат и избраниците на Благоја Милевски.