Македонскиот првак Вардар на неверојатно добар начин ја стартуваше новата натпреварувачка сезона, во која досега нема претрпено ниту еден пораз, а оствари дури седум победи во СЕХА лигата, на кои се надоврзаа трите триумфи на трите одиграни натпревари во еминентната Лига на шампиони.
Фантастичниот почеток секако ги зголемува апетитите во редовите на најдобриот македонски тим кој очајно посакува да се најде на фајнал-фор турнирот во Келн, но како што пренесува угледниот „Балкан-хендбол“, погледите на Вардар одат и многу подалеку од крајот на тековната сезона.
Според изворите на специјализираниот ракометен портал, Вардар веќе ја има пронајдено идеалната замена за Алекс Душебаев, ракометар кој се очекува да ги напушти „црвено-црните“ редови наредното лето и да му се приклучи на проектот на Кјелце каде тренер е неговиот славен татко Талант.
Како што информира „Балкан-хендбол“, Вардар веќе ги договорил условите со летонскиот „џин“, Даинис Криштопанс, играч кој ракометарите на Вардар, и фановите на македонскиот клуб оваа сезона имаа можност двапати да го гледаат во Скопје. Десниот бек на Мешков Брест е познат по тоа што знае да ги разурнува противниците и да испраќа „бомби“ кон противничкиот гол, а голема негова предност секако е тоа што важи за највисок ракометар во Европа со своите застрашувачки 215 сантиметри.