Манчестер Сити во средата се прикажа во феноменално светло во вторите 45 минути на „Итихад“ и сосема заслужено славеше со 3:1 над големата Барселона, победа која предизвика голема еуфорија меѓу фановите на клубот, но и воодушевување од страна на англиската јавност која после подолго време дочека еден премиерлигаш да го совлада каталонскиот гигант.
За разлика од натпреварот кој се одигра на „Камп Ноу“ пред две недели, Сити на повратниот дуел одигра перфектно добро во секој сегмент од играта, а по средбата најголемите заслуги за остварениот триумф ги понесе Пеп Гвардиола кој го прекина митот на „граѓаните“ за непобедливоста на Барселона.
Интересно е тоа што Гвардиола во дадената ситуација отстапи од својата стандардна филозофија со голем посед на топката за да стигне до крајанта цел, а сега Кун Агуеро одлучи да ја открие тактиката со која шпанскиот стручњак успеа да ја среди „својата“ Барселона.
Пеп Гвардиола ни кажа едно нешто пред натпреварот, а тоа беше да вршиме притисок и пресинг на нивната половина и да играме на контра напади. На полувремето ни порача да веруваме во тоа што го правиме и не натера да веруваме во тоа дека можеме да ги победиме, – открива Агуеро, додавајќи дека во ниту еден случај не се налутил поради тоа што остана на клупата за резерви на првиот натпревар во Шпанија.
– Во ниту еден случај не се налутив, јас ја почитувам секоја одлука на тренерот. Тој ми кажа дека ќе останам на клупата поради тактички причини и го прифатив тоа. Постојано разговарам со него и тој ми дава многу совети како дополнително да се подобрам, – додава аргентинскиот напаѓач.