Францускиот претседател Емануел Макрон не ги омекнува ставовите и покрај даденото зелено светло од сите останати земји членки во Европската Унија, дека Северна Македонија заслужува да отпочне преговори. На вчерашната прес конференција со германската канцеларка Ангела Меркел тој повтори дека и Македонија и Албанија имаат напредок, но и дека пред Унијата да ги отвори вратите за нови земји членки, мора да има реформи, пишува Стандард.
Стандард разговараше со македонските аналитичари, кои пак имаат поделени ставови за тоа дали до вечерва ќе се постигне договор и Македонија утре ќе ја добие веста дека почнуваат преговорите за влез во Европската Унија, стратешка цел на државата од нејзиното осамостојување.
Поранешниот пратеник и аналитичар, Насер Зибери вели дека се уште постои шанса земјите како Германија, Италија и Австрија да го убедат Макрон да го омекне ставот. За разлика од него пак, Петар Арсовски смета дека очекувањата не треба да бидат преголеми.
„Ставот на Франција, односно на Макрон не е мотивиран од состојбите во Македонија и Албанија и напорите на овие две земји за преговори, мотивите му доаѓаат од друга природа. Тој има намалена поддршка и сака со радикалните ставови да ја врати довербата пред се кај конзервативците. Франција од Брегзитот константно бара ЕУ да се реформира, а исто така бараат да се реформира и преговарачкиот процес, бидејќи сметаат дека моменталниот начин не е добар“, вели Зибери за Стандард.
Според него, Марон е во право за многу работи, односно дека многу земји кои ги затвараат поглавјата потоа се враќаат назад, а откако ќе ги прими, Европската Унија има големи проблеми. Како пример за тоа ги наведе Полска и Унгарија.
„Сепак, тоа не може да биде причина да се блокира стартот на преговори со Македонија и Албанија, посебно со Македонија, бидејќи се направени огромни отстапки и сметам дека не би било коректно да се блокира. Настојувањето на останатите земји, во прв ред Германија, но и Италија и Австрија нема целосно да го разубеди Макрон, но мислам дека ќе најдат начин да се почнат преговорите“, додава Зибери.
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека единствената шанса на Македонија е доколку се одвои од пакетот со Албанија, бидејќи како што вели, за Франција не е проблемот Македонија.
„Шансите за старт на преговори се минимални. Во изјавата на Макрон можеше да се види дека проблем е Албанија, а не Македонија, но и покрај тоа не треба да имаме преголеми очекувања. Тој има тврда позиција, но сепак има мали шанси, а тоа е одвојување на Македонија и Албанија, а за тоа треба голема желба пред се од Германија, изјави Арсовски за Стандард.
И додека Макрон останува на цврстиот став, македонскиот државен врв предводен од премиерот Зоран Заев во Брисел ги прави последните напори за да ја убеди Франција дека давањето зелено светло за земјава е вистинскиот потег. Конечната одлука на лидерите ќе биде позната утре до пладне, кога членките на Европската Унија ќе го соопштат официјалниот став.