Тренчевска: Изградбата на градинките е согласно стандардите за лицата со попреченост

Кога зборуваме за детската заштита, изградбата на сите нови градинки од 2017 година наваму се согласно стандардите за лицата со попреченост. Значи ги следиме меѓународните стандарди и сите се пристапни за лицата со попреченост, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска пред настанот за промоција на заедничката програма за инклузија на лицата со попреченост, како и претставувањето на клучните наоди од Анализата на состојбата на правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија.

Покрај на инфраструктурата, како што посочи министерката, за нив многу е важно да работат на јакнење на капацитетите на стручниот кадар кој работи во градинките за да може да им се подигне свеста да има доволно вештини да излезат во пресрет и на децата со посебни потреби вклучени во предучилишното образование.

Во однос на бројот на дефектолози министерката посочи дека, речиси во сите градинки имаме дефектолози, социјални работници кои работат со лицата со попреченост.

– Секако нашата главна интенција како МТСП е зголемување на бројот на вработените во градинките се со цел да обезбедиме инклузивно предучилишно образование за сите деца, да нема дискриминација и секое дете со попреченост кое е вклучено во предучилишното образование да има достапен дефектолог, социјален едукатор, психолог, односно стручен тим кој ќе работи со овие деца, рече Тренчевска.

Таа се осврна на реформите во социјалната заштита, потенцирајќи дека направиле доста во делот на унапредување на правата со лицата со попреченост со процесот на деинституционализација, но исто така и во делот на обезбедување на услуги коишто се достапни за лицата со попреченост, за децата до 26-годишна возраст и за останатите лица со попреченост во рамки на државата.

– Во изминатиот период МТСП преку соработка со ЕЛС во 22 општини во државата спроведува услуги во домот токму за лицата со попреченост коишто за првпат се воведуваат. Исто така и во делот на правата на лицата со попреченост имаме направено голем исчекор со новиот Закон за социјална заштита каде што се воведоа нови права за лицата со попреченост, меѓутоа и права за родителите коишто имаат деца со попреченост, рече Тренчевска.

Токму наодите на оваа анализа, како што нагласи, ќе им бидат патоказ каде треба да ги поправат работите и каде да креираат нови политики, нови мерки и активности се со цел да ги унапредат состојбите со правата за лицата со попреченост и на нивните семејства.

Прашана во однос на капацитетите, министерката посочи дека сите барања кои се доставени до МТСП се доставени до министерот за финансии и потсети дека во моментот е ребалансот во Собранието.

– Штом помине и биде усвоен ребалансот од страна на Собранието, Министерството за финансии ќе ни ги достави позитивни сите оние согласности согласно стандардите и нормативите во детските градинки, сите оние согласности за вработување на нов кадар, особено во оние градинки каде што имаме нови капацитети односно проширување на постоечките капацитети, посочи Тренчевска.

Додаде оти нема бројка колку вработувања има во градинките, но, како што рече, сите оние кои се во согласност со нормативите и стандардите и онаму каде што има отворање нови капацитети ќе бидат одобрени и вратени назад во општините, односно во градинките за да можат што поскоро да се објават огласите и градинките да бидат дополнително зајакнати со нов кадар.

Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија Росана Дуџак изјави оти ОН долго време ја поддржува земјата во нејзините напори за промовирање на подобра состојба на лицата со попреченост.

– Ова е партнерство меѓу нас, Владата и сите институции кои се вклучени во подобрување на ситуацијата со лицата со попреченост. Нашата главна задача и фокусот е на децентрализацијата, рече Дуџак.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e