Општините и Градот Скопје во 2015 година на јавни набавки потрошиле 126 милиони евра. Од нив половина, односно 63,3 милиони евра се за тендери доделени на 34 фирми, а останатата половина ја делат дури 1.323 фирми. Доминацијата на мал број фирми на пазарот на јавни набавки ја открива базата на податоци за јавни набавки на општините, која ги опфаќа сите договори што во 2015 година ги склучиле 80 општини и Градот Скопје.
Во базата која дава преглед на тендерите поодделно за секоја општина може да се види дека во дури 60 општини една фирма добила 25% од вредноста на тендерите па нагоре. Во некои општини е забележана и класична доминација на една фирма, односно удел поголем и од 50%. Ваквата состојба може да биде оправдана за општините кои имаат многу мал број тендери, но секако укажува на дисторзии кај поголемите општини. – објави Призма во истражувањето на Центар за граѓански комуникации.
Градот Скопје потрошил колку 51 општина заедно
Неприкосновено на врвот според вредноста на потрошените пари за јавни набавки е Градот Скопје кој во 2015 година склучи договори во вредност 26 милиони евра односно 86% повеќе од 2014 година. Скопје потрошило пет и пол пати повеќе од Струмица која е на второ место, односно шест и пол пати повеќе од Битола која е на трето место. За големите разлики во потрошените пари за јавни набавки говори податокот дека кај дури 45 општини вредноста на јавните набавки е под еден милион евра. Оттука не изненадува што Скопје со своите 26 милиони евра вредни набавки потрошило колку 51 општина вкупно.
Доколку Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа се исклучи од споредбата, произлегува дека општините трошеле меѓу 4,6 милиони евра (општина Струмица) и 68 илјади евра (општина Зелениково). Вака големиот распон во годишните трошења за јавни набавки говори за големи разлики во парите со кои општините располагаат за реализацијата на нивните обврски во интерес на граѓаните (изградба на локални улици, комунална инфраструктура, локално осветлување, урбана опрема и сл.).
Во листата на десет општини кои потрошиле најмногу пари за јавни набавки по Струмица (4,6 милиони евра) се наоѓаат Битола ( 4 милиони евра), Гостивар (3,9 милиони евра), Гази Баба (3,7 милиони евра), Велес (3,3 милиони евра), Карпош (3,1 милион евра), Илинден (3,1 милион евра), Тетово (2,9 милиони евра), Кисела Вода (2,8 милиони евра) и Куманово (2,7 милиони евра).
За огромните разлики во парите што се трошат за јавни набавки секако говори споредбата на врвот и на дното од листата. Притоа, ако 35 општини имале можност на јавни набавки да потрошат од 1 милион евра до 4,6 милиони евра, некои од оние на дното немале ниту 100 илјади евра за цела година. Ова секако е загрижувачки, бидејќи се доведува во прашање со толку мал износ на пари што е тоа што можело да се направи во насока на подобрување на условите на живот на граѓаните во нивните општини. На дното од листата според вредноста на јавните набавки во 2015 година се наоѓаат Зелениково со само 68 илјади евра, Шуто Оризари со 74 илјади евра, Ранковце со 75 илјади евра и Конче со 98 илјади евра.
Целиот текст прочитајте го тука.