Борби со кучиња се одржуваат секој месец, низ цела Македонија. Голем бизнис, за кој сите знаат, и надлежни и ненадлежни, и борци за заштита на животните и државни агенции чија работа е тоа да го спречат, и полицајци и ветеринари – и никому ништо. Борби со кучиња и натаму се одржуваат секој месец, низ цела Македонија.
Двете кучиња ги внесуваат во рингот. До нив се нивните сопственици и еден судија за мечот. Од околу група на одбрани луѓе, гледачи и обложувачи во чии очи се гледа некое чудно задоволство за крвопролевање. Следува борба за живот или смрт. Кучињата се борат и буквално се распарчуваат едно со друго, а не ни пуштаат крик додека се касаат. Бесната публика ракоплеска и бодри. Кучињата се распарчуваат и сликата по борбата е неописливо страшна. Крв има на сите страни. Сега толпата го доби она по коешто дојде. Борачите на кучињата се ракуваат, публиката си разменува пари за меѓусебните обложувања, а долу на земја лежи крваво куче со расцепени усни, огромни и длабоки рани додека гордиот сопственик и „тренер“ ладнокрвно ги брои парите.
Вака изгледа само една од илегалните борби на кучиња кои се одржуваат неколку пати месечно на целата територија на Македонија. Овие борби се одржуваат на различни локации и секогаш оддалечени од градовите, во импровизирани рингови на ниви или дворови од викендички. На нив присуствуваат одреден одбран круг на луѓе за кои борачите на кучиња одобриле да присуствуваат, а заради безбедност, локацијата се дознава ден или два пред борбата.
Успеав да присуствувам затоа што мој школски другар, добро познат во бизнисот со борби, гарантираше за мене. „Девојче е, нема да снима и нема да објави имиња“, рече и ми дозволија да гледам. Искуството беше фрапантно.
По петнаесет минути возење, на самиот излез од Битола, на приватен имот со голем двор заграден со боцкава жица и мала куќичка, во најмизерни услови живееја околу 20 питбули. Во дворот имаше посебно изграден вдлабнат ринг за борба, па дури и столчиња за гледачите. Недалеку од рингот се наоѓаа питбулите. Дел од нив затворени во премали дрвени импровизирани боксови, а дел оставени да живеат надвор и само врзани за кратки синџири на дрво.
Организирана борба на кучиња во ринг
„Тука кучињата ги одгледуваме за борби. Ги тренираме уште од мали, ги селектираме најдобрите, а потоа се случува цел циклус на школување и во принцип е исто како во сите борбени вештини, бокс или кикбокс. Кој е надарен, тој преживува и оди понатаму“, ми објаснуваше Д.К. од Скопје, сопственик на четири питбула кои редовно ги носи по борби.
Кучињата, кои се одгледуваат за борби, најчесто живеат во лоши услови. Сопствениците ги прегладнуваат, ги тепаат, обидувајќи се да ги направат кучињата што поагресивни.
Според нив, злоставувањето прави кучињата полесно да се навикнат да поднесуваат болка и страдање за да можат подолго да издржат во рингот.
Целта ги оправдува средствата – тренинг на кучињата
Присутните ми раскажуваа како тренингот на кучињата е многу сложен и се споредува со тренинг на професионални спортисти. Ги тренираат на сила, кондиција и им ја развиваат агресивноста.
„Се обидуваме кучињата да ги направиме крволочни, ги дресираме да се борат од мали, да не се откажуваат, без разлика на раните и да сакаат да го убијат својот противник. Има и кучиња кои се во рингот само зашто газдата сака да бидат, а не се за во ринг, тие се родени губитници, немаат животна цел и не ги бива“, вели Т.К од Битола.
„Оваа пролет присуствував на борба на која кучињата се бореа до смрт, едно од кучињата го напаѓaше противникот, иако беше останато без една предна нога. На крај го уби и ја доби борбата, а потоа сопственикот го уби него. Кучето немаше нога и многу крвавеше, така беше најдобро. За моја среќа, тоа беше и кучето на кое и се опкладив. Имав добра возбуда и заработувачка од 1.600 евра“, кажува Марко К., близок пријател на сопствениците и добро познат обложувач во борбите на кучиња.
Кучињата ги тренираат како „професионални боксери“
Борачите на кучиња објаснуваат дека тренингот и дресурата на едно куче за да стане борач почнува уште од најрана возраст, уште кога кучето е бебе на 4 до 5 месеци. Играчки на кучето бебе најчесто се одрана кожа од друго животно за да се навикне да гризе, а кога кучето малку ќе порасне, го пуштаат да се бори со други животни послаби од него за да се развие инстинктот на убивање. Исто како боксерите, објаснуваат одгледувачите, кучињата најактивно се тренираат пред борба. Секојдневен тренинг 3 до 4 месеци, со пешачење, трчање на лента, висење на дрво, влечење со кола.
Кучињата ги дрогираат со спид и екстази и ги билдаат со стероиди
„Припремата за едно куче за борба со специјалната храна и употреба на стимулативни средства чини од 1.500 до 2.000 евра. Во подготовките на кучето се оди со филозофијата „целта ги оправдува средствата“. Значи, за да се постигне целта, т.е. победата во борбата, не се штеди ни на парите ниту на кучето“, раскажува Д.Ј. од Скопје, борач и одгледувач на кучиња за борби.
„Тренингот во принцип зависи од тоа по колку пари се обложуваме. Тренингот чини од 1.000 евра, па нагоре. Се користат и стероиди и суплементи, најдобра храна, гранули, ориз, сѐ што може на кучето да му даде подобар перформанс. Им се даваат и суплементи кои луѓето ги користат во бодибилдингот, како БЦ, глутамин, елкарнитин, амино киселини, креатин, сѐ што користат професионалните бодибилдери“.
Михајло Ристов, професорот по Анатомија на животни на Ветеринарниот факултет во Битола вели дека сопствениците им даваат на своите кучиња ветеринарни стероиди кои се употребуваат за добивање на прираст во тежина кај крупните животни и стероиди кои им се даваат на тркачките коњи на трките. Неретко се даваат и човечки стероиди, по од нив кучето има загарантирани проблеми со црниот дроб и срцето. Има и стероиди за кучиња, но се многу скапи и не се наоѓаат кај нас.
Целиот текст прочитајте го тука
За поврзани вести продолжете надолу