Координативното тело задолжено за „Едно општество и интеркултурализам“ продолжува со ефикасна имплементација на Стратегијата

Координативното тело за имплементација на Националната стратегија „Едно општество и интеркултурализам“ денеска преку видео-конференциска врска одржа конститутивен состанок на кој членовите се запознаа меѓусебно поради менувањето на дел од нив по формирањето на новата Влада.

Координативното тело беше задолжено за подготовка на Стратегијата, која, како што информираат од Владата, е изработена преку широк партиципативен процес во кој учествувале над 140 невладини организации, домашни експерти и претставници на клучните институции опфатени со Стратегијата.

На денешниот состанок се разговарало за динамизирање на активностите во насока на натамошна поефикасна имплементација на Стратегијата, која е прв ваков документ изготвен во земјава, а со кој се очекува да се зајакнат процесите на комуникација и соработка меѓу различните култури и заедници за да се создаде еднакво општество.

– Стратегијата е усогласена со меѓународните конвенции, стандарди и особено со препораките на клучните меѓународни организации, како Европската Унија, Советот на Европа и неговите тела и на политичките определби на ОБСЕ и „Насоките од Љубљана за интеграција на разнолики општества“ на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ од 2012 година. Стратегијата опфаќа седум области-кластери кои имаат клучно значење за интеркултурализмот, односно правна рамка, образование, медиуми, култура, општествена кохезија, млади и локална самоуправа, информираат од Владата.

Претседателот на Координативното тело Роберт Алаѓозовски го презентираше Извештајот за преземените активности при што беа истакнати реализираните активности во т.н. кластери согласно Акцискиот план.

Во делот на образованието реализирани се низа активности во соработка со ОБСЕ, Фондацијата Отворено општество и Нансен дијалог центарот. Организирани се заеднички наставни активности по најмалку два различни предмети во училиштата, зголемена е соработката на наставниците што предаваат на различни наставни јазици и реализирани се повеќе заеднички работилници со ученици и родители од различни наставни јазици во повеќе јазичните училишта.

Во делот на локалната самоуправа остварена е приоритетната цел со воспоставување функционални механизми за соработка меѓу заедниците во единиците на локалната самоуправа, подготвени се анализи за функционирање на урбаните заедници и направено е мапирање на услугите кои се во надлежност на општините. Извршено е и обезбедување на условите за физички пристап до сите јавни објекти во ЕЛС за лицата со попреченост и подготвен е видео прирачник за информирање на лицата со попреченост за користење на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Во областа култура извршено е усогласување на културните политики и документи со сСратегијата и создадени се критериуми и приоритети за интеркултурен дијалог во конкурсот на Министерството за култура.

Во делот за младите формирана е меѓуресорска група за изготвување на Закон за млади која ќе работи на процесот на дисеминација и примена по носење на Законот во однос на интеркултурализмот и интеркултурното учење, а во делот Правна рамка реализирана е активност поврзана со донесувањето на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.

На денешната средба, како што информираат од Владата, изразено е задоволство и од изработената дава база на домашни и меѓународни проекти релевантни за Стратегијата, која наскоро ќе биде промовирана како онлајн база. Овде, велат од Владата, спаѓа и изготвувањето на онлајн курсеви за јавната администрација со два модули, за основен и напреден степен, кои се со цел да се унапредат компетенциите за интеркултурна комуникација и управување со различностите во јавниот сектор.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e