(ВИДЕО) Немало упад во Државниот архив, СЈО документите ги добило по службен пат

Обвинителката Ленче Ристоска и директорот на Државниот архив Филип Петровски негираат дека СЈО упаднало во просториите на архивот. Ристоска ексклузивно за ТВ 21 потврди дека била одземена обемна документација согласно законските прописи, за потребите на една предистражна постапка, но последен контакт институциите имале пред новата година.

„Не станува збор за упад, се работеше за одземање на документација согласно законските прописи. Беше одземена обемна документација за потребите на една предистражна постапка. Последен контакт СЈО со Државниот архив на Република Македонија имаше пред новата година“, велат од СЈО за ТВ 21.

Тв 21 доби став и од првиот човек на Државниот архив кој изјави дека СЈО и архивот последен контакт по службен пат имале во декември минатата година и дека институциите добро соработувале.

„Станува збор за невиден сензационализам на медиумите кои се поврзани со СОРОС и СДСМ за креирање на лажна перцепција односно за лажење на целата македонска јавност. Ниту имало претрес, ниту се работи за некаква операција на СЈО и на полицијата, туку се работи за нормална процедура која се одвиваше во минатата година од крајот на летото до почетокот на декември. И тоа се одвиваше по пат на професионална комуникација, затоа што тие имаат одредена надлежност, а исто така и ние како Државен архив. Се работеше за преземање на документи“, изјави Филип Петровски за ТВ21.

Бидејќи се работи за предистражна постапка Специјалното јавно обвинителство не открива детали но според неофицијални информации станува збор за документи поврзани со проектот “Скопје 2014”.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e