Часовникот одбројува за Груевски, за Ахмети, за иднината на Македонија!

Остануваат 12 часа до моментот кога истекува крајниот рок, ВМРО-ДПМНЕ, поточно мандатарот Никола Груевски, експремиерот на Македонија, повторно да состави влада. Но, овој пат, сменети се улогите на шаховската табла. Груевски ја има улогата на кралица, а Али Ахмети на крал, кој пак, моќта ја црпи од рацете на своите рицари. Членовите на Претседателството на ДУИ, Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити ќе ја донесат конечната одлука, за иднината на македонската држава во овие критични мигови.

Напорното советување во Мала Речиница, вчера не вроди со плод. Арифи, Бејта и Меџити, не се согласија со Ахмети, ДУИ да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ во ваков состав. Политичката мудрост ги однесе до СДСМ, каде остварија средба со Зоран Заев и преговараа за условите под кои би функционирала идната влада.

По средбата со Заев и повторното советување во Мала Речица со Ахмети, Бујар Османи, гласноговорникот на ДУИ, најави дека разговорите продолжуваат и денеска, дека сé уште не е донесена конечна одлука.

Додека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во грч го очекуваат одговорот на ДУИ, со надежи дека и овој пат ќе ја кројат судбината на граѓан(к)ите на Македонија, и иднината на државата, која 10 години беше заробена во конзервативните и деструктивни политики, обременети со криминал и корупција, за што се водат судските постапки отворени од СЈО, не помалку жешка е атмосферата во ДУИ.

Денешната одлука, всушност, ќе ја определи иднината и на партијата и на лидерот Ахмети. Бидејќи албанскиот електорат во Македонија, мнозинството, гласаше за враќање на владеењето на правото во Македонија, за реализација на охридскиот Рамковен договор, гласаше против коруптивна власт со актери со криминогено досие, и за враќање на државата на евроатланската агенда. Платформата што ја усвоија потписниците од партиите на етничките Албанци, всушност, во старт го исклучува Груевски од агендата на ДУИ. Ахмети пак, како негов долгогодишен соработник и политички верен партнер, според досегашните оскудни информации од ДИУ кои продираат во јавноста, се обидува да ја одржи „бесата“ со Груевски.

Но, денеска и Ахмети ќе мора да донесе одлука и за својата иднина и за опстанокот на неговата партија. Петте опции стојат на масата: коалиција со ВМРО ДПМНЕ, со СДСМ, широка коалиција, заминување во опозиција или иницирање нови избори.

Кој ќе биде следниот чекор?!

Политичките аналитичари имаат имаат различни ставови. Според едни, повторната коалиција на ДУИ со ВМРО–ДПМНЕ е рамна на политичко самоубиство за ДУИ. Тоа би резултирало со продлабочување на политичката криза во земјата, што нема да ја исклучи и опасноста од ескалација и зголемување на опозицискиот и меѓународниот отпор.

Според други аналитичари, ќе победи мудроста во ДУИ и оваа партија ќе се одлучи за нова коалициона влада со СДСМ. Но, не помалку се силни анализите дека по враќање на мандатот на Груевски, претседателот на државата Ѓорге Иванов, ќе поднесе оставка, па на потег ќе бидат пратениците кои ќе формираат парламентарно мнозинство, и ќе се поклонат пред екскалибурот за Македонија!

Часовникот одбројува за Груевски, за Ахмети, за иднината на Македонија!

Моника Талеска за ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e