НБРМ: Намалениот рејтинг на Прокредит банка нема да има влијание на нејзините активности

Народна банка на Република Македонија потврди дека намалувањето на кредитниот рејтинг на „ПроКредит банка“ е логична последица на намалениот кредитен рејтинг на земјата, откако во петокот Ројтерс објави дека меѓународната рејтинг агенција „Фич“ го намали рејтингот на банката на „ББ+“ од „БББ-“.

Сепак, од НБРМ велат дека не се очекува намалениот кредитен рејтинг на банката да има влијание на нејзините активности (кредитната и депозитната активност) во Република Македонија.

„ПроКредит банка АД Скопје е единствена банка во Република Македонија со кредитен рејтинг од меѓународна рејтинг агенција. Важно e да се нагласи дека доделениот кредитен рејтинг на оваа банка е највисокиот кредитен рејтинг кој одреден субјект во приватна сопственост може да го има во моментов, имајќи го предвид кредитниот рејтинг на земјата. Согласно со тоа, намалениот кредитен рејтинг на Банката е логична последица на надолната корекција на кредитниот рејтинг на земјата. Нагласуваме дека намалувањето на кредитниот рејтинг на ПроКредит банка АД Скопје не е одраз на влошување на финансиската состојба или ризичниот профил на Банката. Намалениот кредитен рејтинг нема да влијае на идната стратегија на Банката. Во таа смисла не се очекува намалување на кредитната поддршка на компаниите и граѓаните од страна на Банката“, изјавија од кабинетот на гувернерот на НБРМ Димитар Богов за порталот СакамДаКажам.мк.

„Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ“ од 19 август годинава. Тогаш, „Фич“ соопшти дека намалувањето на кредитниот рејтинг со натамошна негативна перспектива се должи на политичката криза Македонија, која започна со објавувањето на големи обвинувања за корупција во февруари 2015 година, пишуваше Ројтерс. Според кредитната рејтинг агенција, „обвинувањата за корупција ги потврдуваат недостатоците во стандардите на добро владеење“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e