Италијанците ветија струја од ѓубре во Дрисла, а 4 години не инвестирале ништо

Италијанската компанија „ ФЦЛ Амбиенте“, која од скопска „Дрисла“ требаше да направи најмодерна депонија на Балканот, четири години нема сменето ништо. Ѓубрето се третира безмалку на ист начин како и пред депонијата да добие концесионер, а модернизацијата на начинот на уништување и преработувањето на отпадот останаа само на ниво на ветувања.

Ова го потврдува и директорот на депонијата Горан Ангелов, одговараќи на обвинувањата кои се појавија во јавноста дека причина за загадениот воздух во Скопје се шест нови печки на депонијата во кои се уништува и ѓубре од увоз.

„На депонијата Дрисла во 2000 година е донесена печка за согорување на медицински отпад како донација од страна на Кралството Велика Британија. Од тогаш до денес таа е единствената печка која работи и се наоѓа на депонијата Дрисла. Во 2011 година беше објавен тендер за набавка на нова печка за согорување на отпад согласно сите европски стандарди која во текот на 2017 година ќе биде инсталирана и пуштена во употреба“, вели директорот Ангелов и нагласува дека на депонијата никогаш не е примен ниту уништен отпад од увоз.

Прва инвестиција на Италијанците требаше да биде токму нова печка за уништување медицински отпад оти вработените на депонијата се жалеа дека печката што ја имаат е стара и имаат чести прекини во работата поради тоа што мораат да ја поправаат. Според најавите, новата печка за медицински отпад требаше да почне со работа уште пролетта 2014 година.

Досега на Дрисла, според ветувањата на директорот Ангелов, требаше да работи и фабрика за уништување на индустриски отпад. Оваа фабрика, според роковите кои сами си ги зададоа концесионерите, беше најавено дека ќе почне со работа есента 2015 година. Но на депонијата, освен две бетонски платформи на кои нема објекти, ништо друго не се гледа.

„На депонијата Дрисла не се уништува индустриски отпад и како што најавивме постројката за индустриски опасен и неопасен отпад е во изградба и се очекува да биде пуштена во употреба некаде на пролет 2017 година“, дава нов рок  директорот Ангелов.

Во рамки на модернизацијата, на депонијата веќе требаше да се почне и со селекција на хартија, стакло, пластика и метал од комуналниот отпад, но и тоа ветување концесионерот се уште не го исполнил.

„Согласно договорот за доделување на концесија, на депонијата Дрисла е предвидено поставување на постројка за селекција на опад. Постапката е веќе започната, доставени се сите потребни документи, одобрен е Елаборатот за животна средина и се чека на дозволата за градба од страна на Министерството за транспорт и врски“, објаснува Ангелов.

Инвестирањето во Дрисла, Италијанците требаше да го заокружат со фабрика која од ѓубрето ќе произведува струја, а треба да се изгради во рок од пет години.

Давањето под концесија на депонијата „Дрисла“ беше проследено со скандали уште од моментот кога Град Скоје ја одбра на меѓународен тендер. Германски „Шолц“, второпласирана фирма на тендерот, ја оспори постапката за доделување на концесијата на Италијанците. Го тужеа Град Скопје за неправилности во тендерската постапка, а Управниот суд го поништи договорот и донесе одлука да се повтори постапката за избор на концесионерот. Но и во повторената постапка, Град Скопје како најдобра ја одбра понудата за модернизација на Дрисла од „ФЦЛ Амбиенте“. Тие ја добија депонијата на 35 години и според договорот во неа треба да инвестираат 73 милиони евра. Дваесет отсто од профитот што ќе го остварат треба да го префрлат на сметката на Град Скопје, според условите во договорот.

Иако се уште нема модернизација, на Дрисла на годишно  ниво просечно се уништуваат 170.000 тони комунален отпад, 9000 тони инертен отпад, 2.000 тони технолошки отпад и прехранбени стоки и 900 тони медицински отпад.

Извор: СакамДаКажам

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ