Во кој дел од денот, човековиот мозок работи најдобро?

Познато е дека, во одредени делови од денот, човекот работи побрзо, размислува појасно и полесно се сосредоточува. Ова не е случајност, туку последица на внатрешните биолошки ритми, коишто се нарекуваат циркадијални циклуси. Тие влијаат и на тоа кога нашиот мозок и тело функционираат најдобро, објави „Фронтиерс ин сајколоџи“ (Frontiers in Psychology).

Без оглед на тоа дали човекот е млад или стар, дали е ранобудник или „ноќна птица“ – сите минуваме низ различни „тестови“ секој ден. Понекогаш, тоа се вистински животни испити, но најчесто се работи за „обични“, но важни разговори, состаноци или донесување одлуки. Така, главното прашање е: Во кое време од денот сме најпаметни?

Научниците ги анализирале резултатите од повеќе од 100.000 усни испити полагани на италијански универзитет и пронашле јасна шема во стапките на положување, со врв точно напладне – без оглед на хронотипот на студентите.

Времето меѓу 11 часот наутро и 13 часот се покажало како идеално – миг порано или подоцна, шансите за положување се намалуваат. Всушност, колку порано или подоцна во денот се полага испитот, толку помалку веројатно е студентот да положи, се наведува во написот.

Зошто е тоа така? Делумно, зашто когнитивните способности наутро се подобруваат, а потоа, попладне се намалуваат. И падот на нивото на енергија има своја улога. Натаму, ако има закажано тест доцна попладне, човекот веројатно ќе биде под стрес поради тоа цел ден – а подолгиот стрес неизбежно води до полоши резултати.

И лицето што оценува има улога во тоа.

„Постепеното опаѓање на способностите попладне може да се објасни со исцрпеноста, оти когнитивните способности и на студентите и на нивните оценувачи опаѓаат под влијание на стресот, што ја нарушува самоконтролата и на крајот води до намалена оценка. Поточно, како што когнитивните ресурси се намалуваат, луѓето стануваат поригидни и помалку флексибилни, што може да го наведе вашиот оценувач да носи понегативни одлуки. Слично на тоа, истражувањата покажуваат дека судиите во состојба на исцрпеност имаат поголема веројатност да донесат одлуки што се неповолни за обвинетите“, велат истражувачите.

Врвот на бистриот ум околу пладне веројатно ја одразува оптималната рамнотежа меѓу хронотипската конгруенција (природниот ритам – на ранобудникот или ноќната личност) и нивото на ментален замор, според горенаведените објаснувања.

Во однос на заморот кај професорот или кој било друг вид оценувач, истражување објавено во „Зборникот“ на американската Национална академија на науки покажа дека барањата за условна слобода на затворениците кои се појавиле пред одбор рано наутро биле одобрени во околу 70 отсто од случаите. Како што денот напредувал, стапката на поволни одлуки се намалува, иако накратко се зголемила во првите неколку случаи по ручекот, пред конечно да падне на речиси нула.

Ова е уште една причина зошто часовите околу пладне се најдобри за извршување на важни задачи.

Сѐ тоа говори дека, секогаш кога е можно, треба внимателно да го изберете времето за важните задачи – без разлика дали станува збор за испит, важен состанок, интервју за работа или презентација на работен план. Изборот на вистинското време може да биде клучен за успешно завршена задача.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e