Четириесет илјади вакцини против сезонски грип за ранливи групи население се пристигнати во земјава. Во тек се законските процедури во МАЛМЕД, со цел спроведување на вакцинацијата, што е предвидено да почне од утре. Станува збор за четиритипна вакцина против сезонски грип, од компанијата Абот од Холандија.
Ги повикуваме граѓаните од ранливите групи, како што се: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, да се пријават преку страницата vakcinacija.mk, по што ќе добијат смс порака со точниот датум, час и место кога треба да се вакцинирате, апелират од министерството за здравство.
Воедно, од ресорното министерство е испратен допис до матичните лекари да им излезат во пресрет на заинтересираните граѓани да се пријават во системот за вакцинација.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи.
Граѓаните, кои спаѓаат во ризичните групи може да го искажат својот интерес преку пополнување на апликацијата на следниот линк: https://bit.ly/3s7sZFM