Научниците предупредуваат: Децата имаат сè послаб вид поради различните екрани

Ирско истражување заклучува дека децата кои долго време ги држат екраните блиску до лицето, во затворени простории и поминуваат помалку време на дневна светлина, имаат поголем ризик од развој на миопија и кратковидост и нивна побрза прогресија.

Бидејќи компјутерите и паметните телефони станаа незаменлив дел од секое домаќинство, научниците предупредуваат дека времето што и возрасните и децата го поминуваат пред овие екрани треба да биде ограничено. Не само поради менталното, туку и поради физичкото здравје.

Истражувањето на “TU Dublin” се фокусирало на тоа како екраните влијаат на видот на децата, откако научниците постојано предупредуваа на зголемување на стапката на миопија кај децата и појава на проблеми со видот на порана возраст.

Се предвидува дека до 2030 година, повеќе од 2,5 милијарди луѓе ширум светот би можеле да бидат кратковиди. Проблемот е што миопијата е прогресивна, односно колку порано детето развие миопија, толку е поголема веројатноста дека ќе има тешка миопија во зрелоста.

Истражувањет „Ireland Eye“ опфатило 1.626 ученици од 37 случајно избрани училишта низ Ирска. Научниците открија дека дури една третина од вклучените ученици поминуваат повеќе од препорачаните два часа дневно пред различни екрани. Тие исто така откриле дека децата кои поминуваат два или повеќе часа дневно на отворено имаат подобар вид, поретко им требаат очила и имаат поздрава тежина. Од друга страна, децата кои биле надвор помалку од еден час дневно имале пет пати поголема веројатност да бидат кратковиди.

Според ирските научници, главниот предизвик за визуелниот систем на децата е близината на екранот и колку долго децата гледаат во него. Децата ги држат екраните, особено оние на таблетите и паметните телефони, блиску до нивните лица, принудувајќи го окото повеќе да се фокусира. Проблемот е што при фокусирање на блискиот објект, предметите во периферниот вид стануваат заматени. Ова „периферно дефокусирање“ испраќа биохемиски сигнали кои му кажуваат на окото да го поправи проблемот со издолжување на очното јаболко, така што светлината подобро паѓа на мрежницата. Колку повеќе окото се обидува да го поправи фокусот, толку повеќе се издолжува и кратковидоста всушност се влошува.

Дополнителен проблем е нивото на светлина во затворен простор. Нивото на светлина во собите е пониско отколку на отворено. Дури и ако некое лице седи под сенка и носи очила за сонце, тоа е изложено на 11 до 43 пати повеќе од нивото на светлина отколку во затворен простор. Силната светлина, од друга страна, симулира ослободување на допамин, го стабилизира растот на очите и ја намалува прогресијата на миопијата.

Имено, како што објаснуваат научниците, дневната светлина го синхронизира „внатрешниот часовник“, односно деноноќниот ритам, додека вештачкото осветлување го нарушува и на тој начин го дестабилизира растот на очите. За време на истражувањето, ирските научници открија дека децата со висока миопија одат на спиење подоцна и имаат послаб квалитет на спиење.

Ирска студија заклучува дека децата кои долго време ги држат екраните блиску до лицето, во затворени простории и поминуваат помалку време на дневна светлина, имаат поголем ризик од развој на миопија и кратковидост и нивна побрза прогресија. Децата, додаваат научниците, треба да поминуваат време на отворено најмалку два часа дневно, а кога поминуваат време пред екрани треба да се држат до правилото 30-30 – односно да го држат екранот на растојание од најмалку 30 сантиметри не повеќе од 30 минути, а потоа да направат пауза.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e