Направете 8000 чекори на ден и вашите шанси да живеете подолго ќе се зголемат, велат американските научници.
Студијата објавена во списанието „JAMA” открила дека луѓето кои оделе 8000 чекори на ден (приближно 6,5 километри) имаат 51 процент помала веројатност да умрат во следните десет години од која било причина, вклучувајќи карцином и срцеви заболувања, во однос на оние кои пешачат двојно помалку.
Ако пешачите дури и повеќе, 12.000 чекори, вашите шанси за смрт во тој период ќе бидат 65 проценти пониски од шансите на оние кои прават четири илјади чекори, пренесува „Вашингтон пост“.
Овие резултати се добиени со анализа на податоци од репрезентативен примерок од 4.840 Американци на возраст над 40 години, кои ги следеа десет години и ги пребројуваа нивните чекори со акцелерометар, уред што го носеа на колкот. Во десетгодишен период, 1,165 учесници од студијата починаа.
Се покажа дека без оглед на возраста, полот или расата, повеќе чекори значеа помал ризик од смрт. Интензитетот на одењето не беше важен.
Со оглед на моменталната состојба со коронавирусот, можете да пешачите дома, во место. И надвор, под услов да одржите двометарско растојание од другите.