Кока-кола и гума за џвакање може да предизвикаат предвремен пубертет

Нова научна студија покажува дека честото консумирање на вештачки засладувачи – како оние што се наоѓаат во безалкохолните пијалоци и гумата за џвакање – може да влијае на пораниот почеток на пубертетот кај децата, што исто така повлекува голем број здравствени ризици.

Студија спроведена од научници од Медицинскиот универзитет во Тајпеј во Тајван укажува на можна врска помеѓу внесувањето засладувачи како што се аспартам и сукралоза и појавата на таканаречен централен предвремен пубертет – состојба во која знаците на сексуална зрелост се појавуваат пред осумгодишна возраст кај девојчињата и деветгодишна возраст кај момчињата.

Авторите на студијата истакнуваат дека децата кои веќе имаат генетска предиспозиција за ран пубертет се особено изложени на ризик. Аспартамот најчесто се користи во безалкохолни пијалоци како што се диетална Кока-Кола, гуми за џвакање и овошни јогурти, но се наоѓа и во некои пасти за заби, слатки и сирупи против кашлица.

Покрај вештачките засладувачи, студијата посочи и на влијанието на „додадениот“ шеќер во исхраната – оној што ја надминува природната количина во храната или пијалокот. Исто така, се споменуваат природни засладувачи, како што е глициризин од сладунец, кој покажа сличен ефект, особено кај девојчињата.

Сукралозата, од друга страна, беше посилно поврзана со предвремениот пубертет кај момчињата.

Истражувачите ги анализираа навиките во исхраната и примероците од урина на 1.407 тинејџери, од кои 481 покажаа знаци на предвремен пубертет. Податоците беа презентирани на годишната конференција на Ендокриното друштво (ENDO 2025) во Сан Франциско, а студијата сè уште не е објавена во рецензирано научно списание.

Истражувачите објаснија како засладувачите веројатно влијаат на мозокот, поточно на клетките што ги регулираат хормоните на пубертетот или го менуваат составот на цревната микробиота.

Иако резултатите се вознемирувачки, научниците предупредуваат дека ова е опсервациска студија – што значи дека не може недвосмислено да се каже дека засладувачите се причина за раниот пубертет, бидејќи и други надворешни фактори, како што се исхраната воопшто, дебелината, стресот или генетското наследување, се исто така вклучени.

„Оваа студија е меѓу првите што ги поврзува современите навики во исхраната, поточно внесувањето засладувачи, со раниот пубертет и генетските фактори“, рече д-р Јанг-Чинг Чен, коавтор на студијата. „Исто така, укажува на разлики во ефектите на засладувачите кај момчињата и девојчињата, што дополнително ја комплицира проценката на индивидуалните здравствени ризици.“

Претходните истражувања покажаа дека раниот пубертет може да го зголеми ризикот од депресија, дијабетес тип 2, мозочен удар, па дури и рак на дојка подоцна во животот.

Американска студија од 2023 година покажа дека девојчињата кои добиле менструација пред 13-годишна возраст имале зголемен ризик од развој на дијабетес и мозочен удар. Студија објавена во Лансет, исто така, покажа поврзаност помеѓу раниот пубертет и поголемиот ризик од рак на дојка.

Исто така, многу експерти ја поврзуваат сè почестата појава на раниот пубертет со епидемијата на дебелина, бидејќи масните клетки произведуваат хормони кои можат да го забрзаат хормоналниот развој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e