Диња – го регулира крвниот притисок и штити од кардиоваскуларни болести

Многумина ќе се согласат дека не постои подобро летно освежување од изладена диња, исечена на парчиња.

Иако е слатка, дињата спаѓа во групата зеленчук. Сè освен нејзината кора може да се јаде, а нејзините семки се богати со омега-3 масни киселини.

Една порција диња од околу 150 грама содржи: 53 калории, 0,3 грама масти, 13 грама јаглехидрати, 1,4 грама влакна, 30% од дневната количина на витамин А и 78% од дневната количина на витамин Ц.

Таа е исклучително здрава благодарение на витамините и минералите како калиум, магнезиум, фолна киселина, фосфор… Изобилува со антиоксидантите холин, зеаксантин и бета-каротен кои го штитат организмот од слободните радикали и спречуваат развој на многу болести, а особено се корисни за здравјето на очите.

Изобилството на витаминот Ц во дињата го зајакнува имунитетот и помага во производство на колаген кој ја одржува кожата младешка и свежа. Истиот ефект го има и витаминот А, кој дињата исто така го содржи.

Дињата содржи 90 проценти вода, што ја прави совршена намирница за врелите летни денови. Со оглед на тоа што содржи околу 10 проценти од дневната потреба за калиум, помага во регулирање на крвниот притисок, штити од кардиоваскуларни болести и спречува грчеви во мускулите.

Калиумот, исто така, помага во одржување на балансот на електролити во телото и го намалува задржувањето на водата.

Покрај вода, дињата содржи и многу влакна кои се важни за варењето. Бидејќи е „тешка за стомакот“, се препорачува да се јаде пред оброк или како посебно јадење, а лицата кои имаат проблеми со бубрежни заболувања треба да ја јадат во ограничени количини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e