Турската лира денес падна на ново ниско ниво

Турската лира денеска падна на ново ниско ниво во однос на американскиот долар, еден ден откако турската централна банка повторно ја намали референтната каматна стапка и покрај зголемената инфлација.

Падот на лирата ја принуди централната банка повторно да интервенира со продажба на девизи, по петти пат во последните неколку недели.

Пред денешната интервенција на централната банка за еден долар можеа да се добијат 17,14 лири. Валутата потоа поврати дел од изгубената вредност, но сепак беше за пет отсто послаба во однос на доларот во споредба со претходниот ден.

Турската лира загуби 55 отсто од вредноста во однос на доларот од почетокот на годинава. Централната банка вчера соопшти дека ја намалува референтната каматна стапка од 15 на 14 отсто, иако инфлацијата е 21 отсто. Одлуката на централната банка е во согласност со политиката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој тврди, спротивно на традиционалната економска теорија, дека високите каматни стапки предизвикуваат инфлација.

Ердоган инсистира на ниски трошоци за задолжување за да се поттикнат економскиот раст, извозот и инвестициите, пред изборите за една и пол година.

Турската банка ја намали својата референтна каматна стапка за пет отсто од септември, иако централните банки во другите земји генерално ги зголемуваат каматните стапки кога сакаат да ја намалат високата инфлација.

Слабеењето на лирата влијае на растот на инфлацијата во Турција, која сериозно ја наруши куповната моќ на граѓаните. Многу од 83-те милиони луѓе во Турција едвај врзуваат крај со крај и не можат лесно да купат основни намирници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e